Симон Трпчески со предпремиера на „МАКЕДОНИСИМО“ во струшкото село Збажди

Со почит кон своите корени, македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески на 27 август ќе ја изведе претпремиерата на својот проект „МАКЕДОНИСИМО” во родното место на неговиот татко, струшко село Збажди.

Во предвечерието на големиот христијански празник Голема Богородица, Трпчески и пријателите пред публиката, ќе изведат прилагодена програма од албумот „МАКЕДОНИСИМО”.

Овој проект, во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови.
Уникатниот тим на „МАКЕДОНИСИМО” – квинтетот го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

„Бидете и Вие дел од ова несекојдневно доживување, во очекување на скорешните изведби на МАКЕДОНИСИМО на сцените од каде што се изнедри ова вонвременско музичко патешествие што го освои светот,“ велат од Здружението за култура и уметност „КултурОп”.