Прашањето за референдумот е за внатрешно-партиска употреба на ВМРО-ДПМНЕ, порача Ковачевски, Мицкоски пријатно изненаден од предлогот на Пендаровски

Прашањето за референдумот за францускиот предлог вчера тема на дискусија меѓу власта и опозицијата на собраниската седница посветена на пратенички прашања. Аргументи и противаргументи за евентуално одржување на референдумот разменуваа пратениците од власта и опозицијата, како и претставници на Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера со порака дека Собранието веќе донело одлука државата да продолжи по патот на евроинтеграциите, со прифаќањето на францускиот предлог одржана е првата меѓувладина конференција, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка, а прашањето за референдумот е за внатрешно-партиска употреба на ВМРО-ДПМНЕ.

Евентуалното одржување референдум го актуелизира изминатиот период опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски најави широки консултации со експерти и со јавноста за формата – задолжителен или консултативен, за времето на одржување, за тоа кој би го поднел – пратеници или граѓани, за тоа дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот на преговарачката рамка кој се повикува на билатералниот договор со Бугарија, за референдумското прашање.

А претседателот Стево Пендаровски излезе со предлог – доколку се одржи референдум тогаш референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“.

-Прашањето за референдум што го отвора опозицијата е само за нивна внатрешно-партиска употреба и оти политиката која ја водат на, како што рече, штитење на интереси на трети држави е најпогубно нешто што може да им се прави на граѓаните, рече вчера Ковачевски.

Тој истакна дека Собранието донело одлука оваа држава да продолжи по патот кон своите европски интеграции, а во неа учествувале пратеници од политички партии кои застапуваат најширок круг граѓани во државата без разлика на политичка, етничка или верска припадност.

– Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции и што и да правите нема да ја скршнете ниту лево, а уште помалку десно кон исток, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека благодарение на координирана и посветена работа на повеќе чинители во изминатите речиси две децении „ние сега имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, а историските прашања се надвор од неа“.

Претседателот Пендаровски, пак во интерју за „Фокус“ го изнесе предлогот за прашањето и напомена дека доколку се одржи референдум опозицијата треба да излезе со чесна формулација и во тој случај сите партии треба да излезат на гласањето, а не да бојкотираат.

-Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат,  вели Пендаровски во интервјуто.

Предлага и симнување на прагот од 50 плус 1 од запишаните гласачи и изјаснувањето да биде само од оние што сакаат да гласаат тој ден.

Оваа идеја на Пендаровски наиде на одобрување од опозицијата. Мицкоски вчера од Кавадарци изјави дека по долго време тој и претседателот се на иста бранова должина.

-Морам да признаам дека после подолго време  прв пат можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски, во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет, но и пред граѓаните. Но, очекувам Пендаровски потоа да ги повика и останатите политички партии во Македонија доколку таа биде суштината на прашањето и да излезат на референдум, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека е пријатно изненаден од ставот на Пендаровски, бидејќи е позитивен за референдумското изјаснување. А, референдумот, додаде, претставува највисок чин на демократијата во една држава.

-Граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина, да имаме европска иднина, рече уште лидерот на опозицијата.

И додека власта и опозицијата кажуваат аргументи и противаргументи за евентуалното изјаснување на граѓаните, продолжува процесот на скрининг на македонското законодавство, кој, како и уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, и претстои на втората меѓувладина конференција, со која ќе почнат да се отвораат кластерите.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера порача дека е рано да се говори за уставните измени, за кои е потребно двотретинско мнозинство. Напомена дека е рано да се говори и за референдум во врска со европскиот предлог.  -Нема материјал за да се изјаснам. Опозицијата хипотетички прави ситуација, истакна претседателот на Собранието.

Ковачевски вчера напомена дека СЕП и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ веќе интензивно работат на оформување на преговарачките тимови, на ангажирање стручни лица во однос на преводите на законодавството на македонски јазик и на сите дополнителни материјали.

-Очекува во многу скора иднина тимот во СЕП да се проширува со голем број експерти кои во изминатите 30 години имаат стекнато искуство и знаење во европските интеграции, со дел од деловната и од академската заедница, рече премиерот.

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ, пак завчера потпиша Рамковна спогодба за превод на европското законодавство на македонски јазик со седум економски оператори.

– Едно од клучните обележја на ЕУ отсекогаш била нејзината повеќејазичност и ние, со денешното потпишување на оваа Рамковна спогодба, со здружени сили ја докажуваме нашата заложба да придонесеме кон успешно објавување на правото на ЕУ на македонски јазик во Службениот весник на Европската Унија, истакна Маричиќ и додаде дека процесот на преведување на европското право на македонски јазик се одвива без прекин, бидејќи и по отворањето на преговорите со Унијата и отпочнувањето на скрининг процесот земјата паралелно мора да работи на усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ.

Маричиќ додаде дека успехот на скринингот и неговото времетраење во голема мера зависи од усогласувањето, односно процесот на преземање и примена на acquis. -Овој услов за членство е идентичен за сите земји кандидатки, а произлегува од правниот систем на ЕУ, кој одредува дека сите официјални јазици на земјите-членки се и официјални јазици на Унијата и дека сите јазични верзии на правните акти се оригинални и еквивалентни, рече Маричиќ.

Скринингот беше најавен на 19 јули, веднаш по одржувањето на првата Меѓувладина конференција, но сепак овој процес по кластери и поглавја официјално почнува на 15 септември и се очекува да заврши до ноември 2023 година.

Скринингот претставува прва фаза во преговарачкиот процес, кој иако е техничка операција, е суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ја дава сликата за се што треба да се направи во годините што следат со цел да се спроведат реформите од ЕУ агендата и да се отворат и затворат поглавјата и кластерите. Инаку, земјава веќе во 2018 и 2019 година помина една фаза на објаснувачки и подготвителни состаноци за сите 33 поглавја пред да се објави новата методологија за проширување на Унијата и во овој период Европската комисија и презентираше преку 8.000 ЕУ акти, во кој процес беа вклучени околу 2.000 државни служебници.