МО: Со НАТО поддршка ги унапредуваме капацитетите на армиската единица за пилотска обука

 Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со тим на Единицата за соработка на меѓународните капацитети во НАТО одделот за инвестиции во одбраната предводена од Јоаким Хофбауер, со кој разговараа за капацитетите на Центарот за обука на пилоти, што е дел од структурата на Армијата како Сквадрон за обука и тренажа.

Посетата на претставниците на НАТО, како што информираат од МО, следи по средбата на министерката Петровска со помошникот генерален секретар на НАТО за инвестиции во одбраната, Камил Гранд кон средината на минатиот месец.

Северна Македонија е една од сојузничките земји која ја лансираше иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа, што јасно покажува дека ние сме посветени со своите капацитети да дадеме придонес кон развојот на колективната одбрана и безбедност, рекла министерката Петровска на состанокот.

Таа посочила дека станува збор за центар кој веќе има видливи и значајни резултати и дека Министерството е посветено на унапредувањето на неговите капацитети кои ќе имаат важна улога во зголемувањето на можностите за тренинг и обука на пилоти во Европа.

Хофбауер на средбата се заблагодарил за одличните средби во Северна Македонија и подвлекол дека е импресиониран од капацитетите за обука на пилоти кои во голема мера ќе помогнат во тренингот на идните НАТО пилоти во Европа.