Незадоволни од изгласувањето на Законот за употреба на јазиците група граѓани синоќа протестираа пред домот на пратеничката на СДСМ Фросина Ременски во скопската населба Бардовци.
Ременски на Фејсбук напиша дека ќе поднесе кривична пријава со се што поседува како докази.
– Тој фашизам и безобразлук ќе си го практикувате дома, зошто кај мене нема да ви помине. Од вечерва сум и Македонка, и Албанка, и Турчинка, и Ромка, и Босанка, и Влаинка и Србинка …, викајте ме како сакате, затоа што знам дека, им сакам добро на сите без разлика на вера и етничка припадност, напиша пратеничката Ременски.
Според неа на чело на протестот пред нејзиниот дом биле Сашо Лазаревски и Тони Јаревски од ОК Карпош на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходните денови протести се одржаа и пред домовите на пратениците на СДСМ Далибор Богдановски од Сопиште и Диме Велковски од Аеродром, а беше запален и автомобилот на пратеничката Славица Шуманска – Митева од Виница.
Од МВР за МИА информираа дека ги следат тековните случувања и се прават редовни безбедносни проценки, врз основа на кои, согласно надлежностите се преземаат соодветни мерки со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните.
Полиција изминатите денови ги обезбедуваше домовите на пратениците на СДСМ, пред кои се одржуваа протети.