Средба Пендаровски – Блинкен на Самитот на НАТО во Мадрид

Претседателот Стево Пендаровски, на маргините на НАТО Самитот во Мадрид имаше кратка средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Претседателот Пендаровски ја истакна важноста на американската поддршка за македонските европски аспирации, како и помошта во конкретни области, вклучувајќи го унапредувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, соопшти кабинетот на шефот на државата.

На средбата беа реафирмирани одличните билатерални односи меѓу САД и Северна Македонија, при што беше оценето дека почетокот на Стратешкиот дијалог месецов претставува важен исчекор во развојот на односите меѓу двете држави и конкретна имплементација на Стратешкото партнерство.

Во однос на безбедноста на европскиот континент, и влијанието на руската инвазија врз Украина на стабилноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија е подготвена за споделување на предизвиците како полноправна земја членка на НАТО. Тој посочи дека членство на Шведска и Финска во НАТО ќе придонесе за зајакнување на безбедноста во Европа и на НАТО во целина.