ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН
За Евреите се знае дека се еден од најстарите народи во светот. Тие првобитно живееле племенски, биле древни сточарски племиња кои од Арабија се спуштиле во Палестина од XII до X век пр.н.е. Поради недоволната плодност на земјиштето и гладот, овие племиња се преселиле во Северен Египет, но таму тие потпаднале под таканареченото „Египетско ропство“. За да се ослободат од ропството, по подолго време, пак, се вратиле во Палестина.
Меѓутоа, со текот на времето во нивната непосредна близина се населиле Филистејците, кои ги напаѓале областите населени со Евреи. Овие борби го забрзале обединувањето на еврејските племиња – Израелци и Јудејци во едно царство на чело со еден од водачите на Јудејците, царот Давид. Тоа се случило околу 1.000 година пред Христа кога Давид успеал да ги разбие Филистејците, а градот Ерусалим да го прогласи за престолнина на државата.
Преданијата за Светиот храм говорат дека за време на патувањето низ пустината, Евреите имале подвижно светилиште, Шаторот или Скинијата на Заветот, во кој бил Ковчегот на Заветот и облакот кој го означувал Божјото присуство. Давид сакал да му подигне храм на Бога, но поради неговите гревови не го сторил тоа, туку му ја препуштил задачата на Соломон. Тој го изградил храмот околу 950 година пред Христа, меѓутоа Вавилонците го срушиле во 586 година пред Христа.
Вториот храм бил изграден во периодот меѓу 520 и 516 година пред Христа со големи напори на пророците Агеј и Захарија. Ирод Велики го подигнал третиот храм во 19-та година пр.н.е., но Римјаните го срушиле во 70-та година од н.е. и до денес се останати рушевините од него – „Ѕидот на плачот“. Храмот бил единственото место каде Евреите можеле да ги принесуваат жртвите. Тој бил верски центар за сите Евреи. По разорувањето на последниот Храм, како место за богослужење се користеле синагогите.
По смртта на Соломон, од единственото царство се отцепила северната област која се организирала во посебно царство – Израел. Израел водел чести војни со соседната држава на Асирците. Асирците го освоиле Израел, така што тој потпаднал под „Асирско ропство“, додека Јудејското царство опстанало уште околу стотина години како самостојно. Меѓутоа, вавилонскиот цар Навуходоносор, во 586 година пр.н.е. ја освоил Јудеја, со што и двете еврејски држави ја изгубиле својата независност.
Тогаш бил срушен Царскиот двор, бил спален прекрасниот Храм на Богот Јехова во Ерусалим, додека Јудејците биле протерани во таканареченото „Вавилонско ропство“ т.е. во Месопотамија. Тоа било првото еврејско раселување во светот, таканаречената дијаспора. Меѓутоа, поголемиот број Евреи се вратиле од „Вавилонско ропство“ по педесетина години. Сепак, и тогаш не биле слободни, тукку во период од околу двесте години морале да ја признаваат туѓинската власт.
Овој историски развој на Евреите детално се прикажува во Библијата, при што историските настани се испреплетени со религиозни преданија. Поточно, во Библијата пишува за родоначалникот на Евреите, Авраам, кој бил на чело на дванаесетте еврејски племиња и кој од Арапската пустина ги одвел во Палестина – земјата во која „тече мед и млеко“. На враќање од Египет во „земјата на татковците“ како водач на Евреите се споменува Мојсеј, познат и по тоа што на несложните еврејски племиња им ги предал „Десетте божји заповеди“ во кои биле точно определени обврските на Евреите кон единствениот бог Јехова.
Во таквите бурни, немирни времиња за Евреите – нивното паѓање под разни ропства, борбата за опстанок, преселувањата, кај нив се родила една цврста вера во еден бог Јехова, чиј избран народ биле токму тие – Евреите.
Ја посетивме светата земја – Израел која во вистинска смисла на зборот претставува ретко доживување. Таа за Евреите е ветената земја од Господа на Аврама и на неговите следбеници. Таа е наследство во кое децата на Израел биле водени од Мојсие по егзодусот од Египет и соединети во моќта на еврејската нација (Хибру), под водството на царот Давид и неговиот син Соломон
Таа е лулка на три големи монотеистички религии, еврејската, христијанската и муслиманската. Но, најважно за христијанскиот свет е тоа што таа е родната земја на Исус Христос и Светиот град каде што тој бил распнат на крст, погребан и по три дена воскреснал.
Според библиските преданија од Стариот завет, првите доселувања на Евреите во ветената земја – Канаан зачнале околу 2.000 години пр.н.е. Тие биле номадски сточари од Месопотамија, по течението на реката долен Еуфрат и од други места. Нив ги донел патријархот Аврам. Меѓутоа, масовното доселување на Евреите на овие простори почнало со напуштањето на Египет во 1580 година пр.н.е. под водство на Мојсие, кој на Синајскиот Рид им ги дал Десетте Божји заповеди.
Еврејскиот народ постои уште од номадскиот период преку создавањето на првата единствена држава на Евреите од 1030 до 930 година пр.н.е. па преку нејзиното распаѓање, покорувањето на Евреите и нивната емиграција, до создавањето на еврејската држава која се формирала дури по Втората светска војна, на 14 мај 1948 година.
Денес, Израел доживува своевидна револуција во својот развој. Таа е особено видлива во облагородувањето на пустинските предели, изградбата на иригационите системи за наводнување, развојот на земјоделството, на машинската и на другата индустрија. Исто така, таа има сличен подем во современата трансформација на градските урбани средини кои претставуваат своевидна симбиоза со богатата историска ризница и библиските преданија. Особено е за одбележување тоа што веќе е во тек зелената револуција за освојување на нови пустински предели и нивно претворање во непрегледни зелени оази.
Оттука и не случајно се вели дека оваа земја е вистинско чудо. Заслужува да се спомене дека како посебна содржина на живеење во Галилеја се и многубројните колективни населби со општествена, приватна и колективна сопственост. Најзастапени од нив се таканаречените кибуци, во кои се применува колективната организација на трудот и колективната сопственост.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН