Францускиот предлог е нокаут за македонската дипломатија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги информациите што се објавуваат во дел од медиумите дека со тој предлог бугарските услови би влегле во преговарачката рамка.
Во „Само интервју“ на Канал 5 Мицкоски рече дека тоа значи дека ние или ќе се асимилираме, односно, како што рече „бугаризираме“, или никогаш нема да бидеме дел од Европската Унија.
– Тоа е класичен „нокаут“. За мене уште поголем нокаут е лицемерната политика. Затоа што денеска, покрај овој нокаут за македонската дипломатија кој што го слушаме сега, слушам уште еден, би рекол преседан, а тоа е да се уценува Македонија, земја кандидат, а притоа да се излезе со позиција дека Украина заслужува кандидатски статус. Македонија беше во 1999 добар домаќин на стотици илјади НАТО војници. Имавме војна на нашата северна граница, никој тогаш не ни рече од утре сте членка на НАТО, туку, напротив, во 2008 повторно бевме уценувани да менуваме име, менуваме устав за да еден ден бидеме членка на НАТО. Македонија имаше внатрешен конфликт, никој тогаш не кажа од утре сте земја кандидат за ЕУ, чекавме до 2005. Работевме, исполнувавме реформи, болни, некои не ни се допаѓаа, за да дојдеме до тој кандидатски статус, посочи Мицкоски.
Тој рече дека 22 години седиме во чекална, а не сме ни на масата, истакнувајќи дека држави кои што воопшто во тоа време не ни може да сонуваат за ЕУ нè поминаа и денеска се дел од ЕУ“.
Во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, Мицкоски посочи на анкетите во кои, како што рече, мнозинството од луѓето не се задоволни од состојбите во државата. Одговорен политичар кога би ги добил овие бројки, би рекол – доста е, премногу е, дајте да бараме чаре да се спаси што може да се спаси, наведе Мицкоски.
Мицкоски посочи дека очекува масовна присутност на протестот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за в сабота.
– Протестот на 18-ти јуни ќе биде еден од најголемите протести кој што некогаш се случил во Македонија. Јас секој протест го сметам за успешен, но на овој протест ќе има многу десетици илјади наши сограѓани кои што ќе излезат на овој протест кој што ќе се случува во сабота, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.