Петровска и Купер: Тактизирањето со ветото е сериозен безбедносен ризик за Балканот

Постои итност за придвижување на интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Тактизирањето со ветото е сериозен безбедносен ризик за Балканот, оценија заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер и министерката за одбрана Славјанка Петровска во зедничкото интервју за „Гласот на Америка“, реализирано при посетата на македонската делегација на Вашингтон.

– Мислиме дека е неверојатно важно да се продолжи со дипломатските разговори за да се реши ова прашање. Би го пофалила лидерството на Северна Македонија и начинот на кој му пристапи на овој предизвик. Мислам дека она што го видовме од Северна Македонија е дипломатско лидерство. Видовме лидери во Скопје како ги контактираат лидерите во Софија, и видовме корисен дипломатски дијалог како резултат на тоа, рече Купер.

Таа вели дека застојот во евтоинтеграциите оди во корист на Москва, која „ќе настојува да ги влоши поделбите и да го попречи пристапот, без разлика дали тоа беше пред НАТО, што знаеме дека Русија се обиде да го спречи, и сега во ЕУ“.

Министерката Петровска, пак, смета дека предолгото тактизирање или одлагање на почетокот на преговорите заради ветото кое го имаме од нашиот сосед може да предизвика сериозен безбедносен проблем на Балканот, заради тоа што веќе се чувствува на некој начин фрустрацијата од предолгото чекање во овој процес и тоа е нешто што дополнително ја обесхрабрува и администрацијата и општеството во целина.

– Тоа тактизирање, особено во условите кои ги имаме сега на европското тло, а тоа е воената агресија врз Украина, остава простор за влијанија на трети држави кои, не секогаш, односно најчесто, не се добро наклонети кон состојбите. Поголема акција, поголема вклученост од сите страни ќе биде од бенефит за сите, рече Петровска и изрази благодарност за континуираната и недвосмислена американска поддршка.

Во контекст на хибридните закани, Петровска порача дека е видливо нивно засилување, особено по почетокот на руската агресија врз Украина.

– Хибридните закани беа присутни во Северна Македонија и претходно, но, се разбира дека со започнувањето на руската инвазија врз Украина, и поради ставовите кои Владата на Северна Македонија ги има кон ова прашање, а тоа е јасна осуда и недвосмислена поддршка на Украина во оваа борба, се засилија кон Северна Македонија, кон институциите и се разбира кон одредени министри, политичари, или пак јавни личности кои го изразуваат тој свој став, истакна Петровска.

Министерката Петровска во Вашингтон минатата недела учествуваше на стратешкиот дијалог помеѓу двете земји, а оствари и низа средби во Стејт Департментот, во Пентагон и во Пенсилванија. За време на стратешкиот дијалог беше најавен американски грант од 40 милиони за модернизација на Армијата на Република Северна Македонија и за зголемување на заштитата од хибридни закани.