Законодавно-правната комисија одржа две седници

Членовите на собраниската Законодавно-правна комисија денеска на 86-та седница едногласно го усвоија Предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, во прво читање и констатираа дека предложениот закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Предлог- законот го образложи претставникот на Владата, државниот советник Никола Прокопенко. Тој информира дека овој закон се изготвуваше долг временски период, систематски, а беа земени предвид бројни компаративни искуства и сите меѓународни стандарди во оваа сфера.

– Во работната група покрај судии, обвинители и претставници од науката, беа вклучени и невладиниот сектор и меѓународни организации кои се занимаваат со оваа проблематика, Обединети нации, Совет на Европа, ОБСЕ и Делегацијата на ЕУ, рече Прокопенко.

Клучните одредби на законот, како што рече, се однесуваат на остварувањето на правата за надомест на лицата и ги предвидовме клучните права што ги содржат и другите слични закони пред се се водевме од земјите од регионот кои се членки на ЕУ. Тоа се трошоците за лекување и за медицински помагала, изгубена заработувачка, трошоци за погреб, изгубена издршка и солидарна помош за претрпени последици, еден вид нематеријална штета. За сите овие надоместоци има предвидено одреден максимален износ и вкупниот износ не би можел да биде повеќе од 5.000 евра. Појасни дека во пракса тоа нема да биде така зошто најголемиот дел од овие парични средства веќе се покриваат за овие лица, по друг основ.

Тој информира дека за определувањето на овој надомест ќе одлучува Комисијата составена од претставници од повеќе институции и од НВО секторот. – На жртвата теба да и се обезбеди овој надомест пред да има правосилна пресуда, тоа е и целта на законот, потенцира Прокопенко.
Седницата ја водеше Мирослав Јовановиќ, заменик-член на Комисијата, кој информира дека матичното работно тело, собраниската Комисија за европски прашања констатира дека овој закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Законодавно-правната комисија денеска ја одржа и 130-та седница, во чии рамки членовите на Комисијата на натамошна постапка во Собранието ја проследија Предлог-одлука за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

Членовите на Законодавно-правната комисија исто така ја проследија на натамошна постапка во Собранието и Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“, во Република Либан.