Османи – Блинкен: Отвораме ново поглавје на стратешкото партнерство меѓу двете земји

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на посетата на Вашингтон, имаше средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. На средбата е изразено задоволство од одржувањето на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што претставува нов исчекор во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји, соопшти МНР.

– Нам ни претставува посебна чест што Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржува стратешки дијалог со САД, значаен процес преку кој се продлабочува нашето стратешко партнерство и поконкретно се врамува нашата билатералната соработка. Ваквиот исчекор во билатералните односи е уште една потврда за силното пријателство и взаемниот интерес за зајакнување на сојузништвото меѓу двете земји, истакна Османи.

На средбата стана збор и за актуелните безбедносни состојби, при што беше изразена заедничка осуда на руската воена инвазија, како и силна поддршка и солидарност со Украина. Воедно, беше нагласено дека актуелните состојби налагаат нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, со што ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирување во регионот.

– Процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносно прашање, а европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, и кредибилитетот на овој процес, од суштинска важност за регионалната и европската стабилност. Благодарни сме за силната американска поддршка за што поскоро започнување на процесот на преговори на Северна Македонија, што во моментов преставува и најдобриот начин да се зачува кредибилитетот на овие процеси, нагласи Османи.

На средбата со Блинкен, министерот Османи го поздрави партнерството меѓу Северна Македонија и САД, особено во контекст на НАТО, истакнувајќи го притоа стратешкото партнерство меѓу двете земји, сега веќе надградено и со Стратешкиот дијалог, како еден од најважните столбови за долгорочната стабилност на Северна Македонија, како и за нејзината демократска и цивилизациска надградба.