Ковачевски: Неотворањето на преговорите нема да биде пораз за Северна Македонија, туку за ЕУ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски смета дека неотворањето на преговорите со ЕУ нема да биде пораз за Северна Македонија, туку пораз за ЕУ.

-Тоа е пораз за ЕУ. Сметам дека е така затоа што неотворањето на преговорите ќе значи намалување на релевантноста на ЕУ, ќе значи зголемување на евроскептицизмот, ќе значи намалување на посветеноста на самите граѓаните кон процесот. Да не заборавиме ние имаме направено голем број на жртви, голем број на тешки одлуки за да ја оствариме таа цел, потенцира Ковачевски во интервју за Канал 5.

Премиерот додаде дека нема отстапување од целта членство во ЕУ како стратешката определба, бидејќи тоа е определба и на доминантниот дел на населението во земјата, нагласи дека останува рационален оптимист и посветен таа цел да се оствари.

Дополни дека од аспект на геополитичкиот момент кој што се случува во Европа, особено со војната во Украина, проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само политичко и економско, туку и безбедносно прашање особено заради фактот што од замрзнати конфликти и отворени прашања, секогаш интерес имаат трети страни коишто немаат интерес овој регион да биде интегриран во ЕУ.