Делегација на ВМРО-ДПМНЕ со претседателот Мицкоски на Конгрес на ЕПП во Ротердам

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски три дена ќе учествува на 27. Конгрес на Европската народна партија (ЕПП) во  Ротердам, Холандија.
Во делегацијата се потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и членовите на Извршниот комитет Марија Митева и Владимир Ѓорчев.
-Конгресот утре почнува со политичкото собрание на кое се разгледуваат клучните конгресни документи и резолуции.  Исто така, на конгресот ќе се дискутира за досегашната работа на претседателот и генералниот секретар на ЕПП, како и  формално ќе бидат потврдени новите кандидатури за претседател, потпретседатели и благајници на ЕНП. Главниот настан почнува во вторник, каде на пленарната сесија свое обраќање ќе има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски, каде главна тема ќе бидат актуелните состојби во Македонија, корупцијата во редовите на Владата, злоупотребите на власта, економското опустошување, како и барањето за предвремени избори. Вечерта ќе се одржи проширен самит на шефови на држави и влади, како и лидери на опозициски партии, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. 

Партијата информира дека во фокусот на Конгресот ќе бидат предизвиците со кои се соочува Европа, инвазијата над Украина, економската и енергетската криза, како  и односот кон Западен Балкан и проширувањето.

-Се очекува да се донесе Резолуција која ќе повика на итно отпочнување на преговорите со Македонија и Албанија. Главната дебата за политиките на Европските народни партии е на тема „Обединети во солидарноста: одбрана на западната демократија“. На маргините на конгресот ќе бидат остварени и повеќе билатерални средби запознавајќи ги соговорниците со актуелните економско политички состојби во Македонија, соопшти опозициската партија.