Во јуни 197 година пред Христа, кај Киносцефал /Cynoscephalae/ во Тесалија, непоразената македонска војска се нашла лице в лице со римските легии. Со масовен јуриш македонската фаланга водела со Римјаните една застрашувачка битка која тие никогаш нема да ја заборават. Во текот на првиот јуриш, Македонците биле успешни и победиле.
Тоа било ужасна глетка за зајакнатите Римјани, калени во битки, кои за првпат влегле во сериозен контакт со македонската фаланга. Во текот на вториот јуриш, за жал, фалангата ја преминала римската борбена линија и ја изгубила формацијата. Римјаните брзо ја искористиле предноста, така што ја опколиле фалангата и ја пресекле на помали делови.
Секој римски војник бил опремен со орудија за борба во формација и за борба со една рака, нешто што Македонците никогаш порано не доживеале. Неспособна да се регрупира, фалангата се повлекла и била уништена. Без фалангата, на Римјаните не им требало голем напор да го докрајчат остатокот од македонската војска.
Римјаните не само што биле подисциплинирани отколку што очекувал Филип, туку тие, исто така, брзо учеле и биле способни бргу да се адаптираат на борбените техники употребени од нивните противници. Иако и двете војски биле еднакво дисциплинирани, Римјаните се докажале дека се пофлексибилни, што им дало предност потребна да победат.
Победносниот Рим ја презел контролата врз регионот, ограничувајќи го Филип само на Македонија. Условите на договорот биле далеку поостри отколку оние предложени претходно. Сега, од Филип се барало да ги евакуира сите региони што претходно ги држел во Азија и Европа, со исклучок на Македонија. Освен тоа, од Македонија се барало да му плати на Рим една илјада таланти воена отштета. Тоа било горчлива пилула за Филип, но каков друг избор имал тој?
Каменот на розетата во музејот во Лондон
Пред да продолжиме со главната сторија, би сакале да направиме дигресија и да направиме преглед на другите придонеси, освен освојувањата, кои Македонците му ги подариле на светот. Повторно сакаме да нагласиме дека, иако царството на Александар било поделено на три кралства, на Антогинидите, Селеукидите и Птолемејците, со него се уште владееле Македонци и се уште било под голема македонска контрола.
Наспроти обидите на Александар да ги интегрира своите македонски војници во културите што ги освоил, тие се противеле. По смртта на Александар, тие ги отфрлиле странските носии и се развеле од странските жени, напуштајќи го на тој начин неговиот концепт на “фузија помеѓу расите во едно универзално царство”. За еден Македонец, особено македонски војник, немало поголема чест отколку да се биде Македонец. Тогаш, зошто би сакале да бидат помалку од тоа?
Во врска со ширењето на хеленскиот јазик и култура, сосема се согласуваме со Питер Грин кој вели: “Хеленизацијата, ширењето на грчкиот јазик и култура што се дефинирани дури од делото “Geschichte der Diadochen” (1836) на Драјзен, како суштина на хеленистичката цивилизација, е феномен кој изискува темелно проучување. Нејзините цивилизациски, дури нејзините мисионерски аспекти, во голем степен се преувеличени, не најмалку од оние нестрпливи да откријат некое морално оправдување за империјализмот.” (Стр. 312, Питер Грин, Александар до Актиум, Историска еволуција на хеленското доба).
Никогаш немало мисија од било која империја, античка или современа, да ги шири својот јазик и култура меѓу оние кои таа ги освоила. “Студена” вистина е дека империите тежнеат по освојувања за профит и земја, така што тие самите може да станат подобри, а не оние кои тие ги освојуваат. Македонските империјалисти не биле различни. Нивната пропаганда можеби пропагирала и тврдела многу нешта, но, како што покажува историјата, она што тие го направиле, навистина, било многу различно од она што го велеле.
Најголемиот придонес што Македонците го направиле за светот, особено за Европа, било отворањето на Азија и Африка за европската трговија. Македонците проверувале дали трговски патишта се создавани секаде каде што биле и дали потоа нивната безбедност била загарантирана. Трговските патишта не биле органичени само на поморските линии. Голема трговија се вршела преку копно и се протегала од Европа па се до планината Хинду Куш.
Трговското подрачје, поврзано со голема патна мрежа, било еден голем правоаголник што се протегал од Хелеспонт до планината Хинду Куш на исток, до долната страна на Персискиот Залив на југ, преку Арабија до рамнината на реката Нил на запад и назад, до Хелеспонт на север. Трговијата во голема мерка била сконцентрирана на егејската страна од Мала Азија и подолу на рамнината на реката Нил. Западниот дел од Мала Азија бил средиште на економските активности, и на море и на копно.
Веднаш по трговијата, Македонците во текот на овој период, придонеле со богатство информации од природните науки, морепловството, географијата, биологијата, ботаниката, астрономијата, историјата и литературата. Се вели дека градот Александрија во Египет, во неговите славни денови, ја поседувал најголемата збирка книги и знаење што било кога биле собрани во една единствена библиотека.
Изградена од Птоломеј Сотер, величествената библиотека на Александрија поседувала близу половина милион свитоци. Најголемиот дел од овие свитоци биле напишани на коине јазикот и биле на располагање на читателот. Имало само малку за или во врска со обичниот египетски јазик, што е контрадикција на тврдењата на Драјзен во однос на мисијата на Диадохите, односно наследниците на Александар /Diadochoi’s mission/, да ја шират т.н. “хеленска култура” на странци.
Ако нешто било раширено или споделено меѓу културите, тоа биле техничките вештини. Најкарактеристичен пример на ефикасно адаптирање на вештината има во еволутивните техники на војување. И Македонците и странците учеле едни од други и бргу се адаптирале кон меѓусебните борбени стилови и техники. Од номадите, Александар научил за стрелци кои јаваат коњи, техника што тој ја адаптирал и ја употребил против герилските напади.
Размената на вештини не била ограничена само во областа на војувањето. Еден пример на ефикасно пренесување на знаење од една на друга култура, има во областа на медицината. Има многу примери кога Македонците учеле од други култури како да прават и применуваат лекови за различни болести.
Библиотеката во Александрија денес
Во однос на јазикот, Македонците навистина го ширеле меѓународниот јазик коине или lingua franca, но единствено за комерцијални, административни и религиозни цели, оставајќи го обичниот човек надвор од тоа. Значи секој кој бил значаен, особено ако бил деловен човек, морал да го научи коине јазикот за да се дружи и комуницира на меѓународно ниво, особено во Египет каде Птоломејците инсистирале на користење на коине јазикот. Но, сепак, ваквите лица биле исклучоци, бидејќи мнозинството од освоеното население било исклучено.
Со вели дека Македонците вработувале локални робови како послуга, кои биле носени со нив во странските земји. Додека живееле во изолаија, ваквите робови често се навикнувале на јазикот и на културата на нивните господари, на Македонците, и тие ги пренесувале на своите поколенија. Еден пример за ова се Евреите од Александрија во Египет.
Се верува дека првите Евреи што пристигнале во Александрија биле воени заробеници донесени од страна на Птоломеј I. Нивната продолжена изолација од нивните заедници и континуираниот контакт со големото македонско население, влијаеле врз нив да научат да зброуваат на јазикот на Македонците.
Продолжува
Пишуваат:
РИСТО СТЕФОВ И
СЛАВЕ КАТИН