ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА „СВЕТАТА ЗЕМЈА“ ИЗРАЕЛ

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин е во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, издадено во 2017 година, на 376 страници, на англиски, македонски и хебрејски јазик, а рецензенти се Горан Садикарио, Мане Јаковлевски и Берта Романо-Николиќ. Тоа е

прво дело за двете „Свети земји“ Издраел и Македонија, во кое е пренесено авторовото патувањето во Израел кое  беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум  светот. Овој пат патувањето беше заедно со м-р Мартин Треневски, како министер за ислеништво и сопругите Василка и Нада. Во Воведот на оваа монографија, меѓу другото е пренесено следното:

Патувањето за Израел беше највозбудливото, исполнето со многу искушенија, сознанија и предизвици да ја запознаеме „Светата земја“, нејзините библиски места, градови, култури, религии, обичаи и многу карактеристики на нејзиниот современ свет. Притоа имавме можност да посетивме бројни споменици кои имаат светско значење и кои оставаат вечни траги во сеќавањата на посетителот.

Израел за Евреите е ветената земја од Господа на Аврама и на неговите следбеници. Според библиските преданија од Стариот завет, првите доселувања на Евреите во ветената земја – Канаан започнале околу 2.000 години пред новата ера.

Израел бил и останал факелот на светоста каде, раѓањето, чудотворието и моќта на Спасителот Исус Христос, е божествено сочинение и овоземна припадност следена од  многуте стотици милиони следбеници кои ги има во сите земји од целиот свет.

Кога се пишува за Израел треба да се каже дека центарот на светот е точно таму, на меѓата меѓу европскиот, азискиот и африканскиот континент. Токму таму е сместена „Светата земја“, чие име е добиено поради настаните поврзани за религиите и бидејќи копјата секогаш се кршат токму тука, на израелската територија.

Од друга страна, пак, приказните кажуваат нешто друго. Имено, „Светата земја“,  го добила своето име, затоа што Бог се погрижил таму да растат овошја и зеленчуци, кои давале плодови (храна) за тамошните жители. На тој начин, тамошните луѓе мислеле дека Бог ги сака премногу, се грижи за нив, им дава храна и затоа тие се свети, а земјата на која растат тие растенија е света.

Исто така, Црквата на Светиот гроб, каде што Исус Христос бил погребан и воскреснал, е најсветото место за христијаните од сите меридијани, па не случајно се вели и дека е место на верата, надежта и љубовта на луѓето  кои доаѓаат секој со својата вистина и исчекувања, поклонение и молитва,  радост и тага.

Според библиските преданија од Новиот завет за Христовото раѓање и неговото детство, посебен интерес привлекуваат градовите Витлеем и Назарет. Двата града де­нес се под палестинска управа, како автономни територии.

Според Новиот завет, Исус Христос е роден во градот Витлеем, каде се наоѓа светото место во пештерата и во црквата „Раѓањето на Исус Христос“. Овој храм доживеал многу архитектонски градби и надградби и постојано бил зголемуван во различни периоди од историјата.

Црквата претставува творечко постигнување на човештвото преку вонредно убавите креации на повеќе библиски мотиви, содржини и специфични христијански карактеристики. Денес, Витлеем е туристичко место и е преполно со гости од целиот свет, особено за време на деновите на одбележувањето на раѓањето на Исус Христос – Божиќ. Таму Божиќ се слави три пати во текот на годината.

Назарет, пак, е свето место за христијаните, бидејќи во него се изградени бројни хри­стијански цркви, манастири и други религиозни објекти. Овде се наоѓаат црквите: „Благовестие“, „Свети Архангел Гаврил“, која е изградена врз природните извори на „Пре­света Богородица“ и црквата „Свети Јосиф“. Тоа е градот во кој пораснал Исус Хри­стос.

Црквата на Светиот гроб е симбол на единството на сите кои веруваат во Синот Божји и жив сведок на поделеноста на христијаните. Животот, учењето и смртта на Исус ќе означат нова страница во историјата на чо­вештвото.

Во времето кога Евреите го оплакуваат уривањето на храмот, учениците на Исус од Назарет веќе го шират новото, христијанско учење. Ерусалим, градот на Исусо­во­то страдање, смрт и воскресение, до денес ќе остане најголемото светилиште во хрис­ти­јанството.

Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми, населението на Ерусалим, но и тие што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ…

Според тоа, тој има повеќе имиња што му се дадени во Светото писмо, во Мојсиевите записи и во литературата. Израелците го нарекуваат Јерушалаим, од каде потекнува и денешното негово име – Ерусалим, што значи „град на мирот“.

Меѓутоа, за постоењето на Ерусалим – градот на Христовите маки, смрт и воскреснување, во текот на последните два милениума не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се бореле, никаде толку длабоко не се мразеле и напаѓале како во овој свет град што е сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим.

Зачетоците на христијанството датираат уште од I век во Палестина, која тогаш се наоѓала под власт на Римската Империја. Во почетокот христијанството се проширило меѓу Евреите, за подоцна да се развие и меѓу другите етнички припадници. Првобитните апостоли и мисионери на христијанството биле Евреите, а неговите корени произлегуваат од старозаветниот јудаизам.

Продолжува

1slav kat Пишува: СЛАВЕ КАТИН