– Северна Македонија и Ватикан се цврсто поврзани со взаемна почит заснована на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза. Со папата Франциск се согласивме дека грижата за најранливите наши сограѓани во време на криза и почитувањето на разликите се столбовите на градењето на општество во кое има место за сите и дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, толеранција и човечко достоинство, објави Ковачевски. Премиерот Ковачевски и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, што е во дводневна посета во Рим и Ватикан во рамки на традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беа примени од неговата светост папата Франциск. Ковачевски имаше тет-а-тет средба со папата Франциск, а потоа и аудиенција на која беше придружуван од ќерката, како и останатите членови на делегацијата на Северна Македонија – Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на Претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол, Даријан Сотировски директор на Комисија за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски ректорот на УКИМ, Пимен Илиевски митрополитот на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски митрополитот на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов декан на струмичка епархија на Католичка црква и Марија Ефремова, амбасадорката на Република Северна Македонија во Ватикан. На аудиенцијата кај папата Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска. – За време на разговорот на средбата со папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа. Северна Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза, соопшти владината прес служба. На средбата е поздравена и отпочнатата иницијатива за потпишување темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји. Премиерот Ковачевски истакна дека на огромно негово задоволство со папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување. Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија. На средбата на премиерот Ковачевски и македонската делегација со папата Франциск се споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега. Било истакнато дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство. Премиерот Ковачевски на папата Франциск му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.

Пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемскиот период но и во време на справуавање со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух верувам дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната средбата со папата Франциск во Ватикан.

Како што јави известувачот на МИА од Рим, Ковачевски и папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување и политики.

Премиерот информираше дека е отпочната иницијатива за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица , со кој ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во обласи од заемен интерес.

-Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошното унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека „Св.Климент Охридски“ и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата , конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија, изјави Ковачевски по тет-а-тет средбата и аудиенцијата кај папата Франциск по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Ковачески додаде дека средбата со папата Франциск и особено средбата со државниот секретар Паролин ги искористиле за разговор околу можностите за соработка во областа на високото образование со иснтитуциите на Ватикан.

Поттик за оваа нивна заедничка желба, како што напомена, доаѓа од успешната соработка во областа помеѓу Папскиот универзитет „Урбаниана“ и универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

-Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата на Северна Македонија, додаде Ковачевски.

Тој напомена дека пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемскиот период, но и во време на справуавње со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух, како што потенцираше, верува дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.

Прашан какви се очекувањата од следната средба со бугарскиот премиер Петков, Ковачевски напомена дека ќе имаат средба на која ќе разговараат за напредокот на разговорите помеѓу Министерствата за надворешни работи.

-Денеска ние имавме состанок и со други официјални лица во Ватикан, со задолжени за межународни односи со секретарот на Ватикан исто така во текот на попладневните часови ќе имаме и средба со бугарскиот премиер. Јас и и бугарскиот премиер имаме редовна комуникација која што се одвива на најразлични теми и со оглед на тоа дека и тие денеска се во Рим, ќе имаме средба на која ќе разговараме за напредокот на разговорите помеѓу Министерствата за надворешни работи, рече премиерот Ковачевски.