Пендаровски со поддршка за брз прием на Финска и Шведска во НАТО

Денешното истовремено предавање на официјалните писма за барање за прием во најмоќната воена Алијанса е испишување на уште една страница од историските промени во сојузништвото. Искрено ја поздравувам и поддржувам кандидатурата на овие значајни земји за просперитетот и безбедноста на Европа, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски по повод предадените апликации на Финска и Шведска за членство во НАТО.

– За жал, фактот дека земји со традиционална воена неутралност со огромно мнозинство одлучуваат да ја променат, зборува дека опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата. Со цел сеопшто посакуваниот траен мир да прерасне во реалност, проширувањето на Алијансата е добра вест, стои во денешната изјава од Пендаровски.

Како што стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски, тој ја поздравува оваа одлука и упатува поддршка за брз прием на земјите, кои несомнено ќе дадат придонес во колективната безбедност. Според него, тоа е одлука на суверени земји кои имаат право на сопствени одлуки особено кога се работи за добросостојбата на нивните граѓани.

– Северна Македонија, како најнова земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, има чест да ја продолжи политиката на отворени врати со нашите партнери, Финска и Шведска, особено имајќи го предвид политичкиот, безбедносниот и географскиот контекст, вели Пендаровски.

Со полноправното членство на Шведска и Финска, оценува шефот на државата, НАТО ќе се зајакне особено во неговото источно крило, од каде и доаѓаат најголемите предизвици, што е случај со руската воена агресија на Украина.

– Дополнително, одличните билатерални односи со овие две пријателски земји, ќе добијат на уште посилен интензитет преку идното сојузништво, со кое се зацврстува и партнерската соработка во сферите на заеднички интерес, вклучително и нивната принципиелна поддршка за уште едно сојузништво во рамките на Европа, потенцира претседателот на државата Пендаровски.