Одлуката на патријархот Вартоломеј за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква меѓу темите на Соборот на СПЦ

Во Сремски Карловци вчера започна годишната седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), со свеченост по повод стогодишнината од обновата на Пеќката патријаршија и добивањето Томос од Цариградската патријаршија во 1922 година со кој СПЦ е призната како „сестринска црква на сите автокефални православни цркви“. Седницата на Соборот продолжува денеска во Белград се работниот дел, на кој, според најавите, се очекува да се расправа и за одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква.

Поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј, во посланието по повод почетокот на Соборот нагласи дека „Пеќката патријаршија од незаконското укинување во 1766 година била поделена на митрополии и епархии во границите на различни земји се до 12 септември 1920 година, кога е воспоставено единство на Белградската архиепископија и Mитрополија српска, Архиепископијата карловачка и Митрополија српска, со епископиите Далматиско-истарска и бокакоторска, Архиепископијата цетинска и Митрополијата на Црна Гора, Брдо и Приморјето, потоа митрополиите скопска, рашко-призренска, велешко-дебарска, пелагониска, преспанско-охридска, струмичка, еден дел од Митрополијата воденска, Пољанската епископија и митрополиите во Босна и Херцеговина: дабробосанска, херцеговска, зворничко-тузланска и бањалучко-бихаќка, обединети во една автокефална единствена СПЦ“.

– Овој голем празник навистина е празник на единството и слогата. И ние денеска, по сто години радосно го објавуваме и прославуваме овој историски настан, без разлика дали живееме во матицата, без разлика дали во некои од српските или околните земји, без разлика дали во раселеност расфрлани под бурата на историските ветрови на секаде на шестте континенти, наведе патријархот Порфириј во посланието.

Свеченоста почна со литургија која, како што соопшти СПЦ, ја сослужеа „блажениот архиепископ охридски и митрополит скопски г. Јован, митрополитот дабробосански г. Хризостом, митрополитот црногорско-приморски г Јоаникије, како и преосветените господа епископи сремски г. Василије, будимски г. Лукијан, канадски г. Митрофан, новограчаничко-среднозападноамерикански г. Лонгин, жички г. Јустин, шумадиски г. Јован, зворничко-тузлански г. Фотиј, крушевачки г. Давид и буеносаирески и јужно-централноамерикански г. Кирило“.

Годишната седница на српкиот Соборот редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици на СПЦ од Србија и од странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога бројот на гласовите е изедначен. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени соопштенија и во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања.

Меѓу тие прашања е и одлуката вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање нашата Црква за канонска „под името Охридска архиепископија“. Според српските медиуми, со својата одлука за канонско признавање на Охридската архиепископија, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“.

Уште пред објавувањето на одлуката на патријархот Вартоломе зворничко-тузланскиот епископ Фотије на 6 мај  соопшти дека имало средба меѓу претставници на СПЦ и МПЦ-ОА.

– Можно е овој месец на мајскиот собор на СПЦ во Белград, МПЦ, односно Охридската Архиепископија, да се врати во канонско единство со СПЦ и со тоа да се реши расколот од 1967 година. Деновиве како дел од Синодот на СПЦ, го придружував неговата светост на средба со претставници на Македонската православна црква во Нишката епархија. Тоа беше интересен дијалог на љубов, верба и надеж и се надеваме дека ако даде Господ ќе дојде до единство, но прво да се помолиме сите на Бога. Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија, на овогодишното заседание на Соборот во Белград во мај ќе се врати во канонско единство со Српската православна црква, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви, изјави епископот Фотије.

Тој не наведе што тоа конкретно значи, односно дали СПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ, но посочи дека Соборот на СПЦ е пред „голем предизвик“.

– Пред нас е голем предизвик и ако Господ дозволи молитвите на владиката Николај Охридски и Жички, молитвите на Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и другите светители, Свети Сава Српски, да го воспостават тоа единство, да се исцели тој раскол што постои од 1967 година. Сега сме на прагот да го решиме тој проблем, ако даде Господ, затоа ве повикувам да се молиме на Бога, сите вие и сите ние, да го решиме за славата Божја и за доброто на нашите свети цркви. Но, и за доброто на нашиот српски народ и за доброто на македонскиот народ, кои се два братски народи, изјави Фотије.

Српскиот весник „Курир“, повикувајќи се на извори во Патријаршијата во Белград, наведува дека Соборот на СПЦ официјално ќе ја потврди одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за „признавање на автономната Охридска архиепископија, наместо досега непризнатата т.н. Македонската Православна Црква (МПЦ)“.

Весникот наведува дека СПЦ сакала канонски да ја признае нашата Црква, но „намерно била спречена од вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој сакал да испадне дека оваа одлука за канонско признавање е донесена исклучиво благодарение на него“.

„Курир“ истакнува дека хиерархијата на СПЦ била подготвена да договори црковна заедница со МПЦ-ОА, за што директно и индиректно се зборувало во неколку наврати во претходниот период, па дури и на почетокот на мај на средбата во Ниш на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, придружувани од архиереите на двете цркви.

Според белградскиот весник, признавањето ќе значи и дека ќе има „сериозни кадровски промени во рамките на Православната Охридска Архиепископија (ПОА)“ на Јован Вранишковски, потенцирајќи дека „ПОА практично ќе ја преземе сегашната расколничка хиерархија во Северна Македонија и ќе се вика Охридска архиепископија“.

Весникот наведува дека Вранишковски „ќе се пензионира поради тешката здравствена состојба“, а тројцата прогласени владици на ПОА би го задржале епископскиот чин и би добиле управа на еден од манастирите во земјава или би им биле доделени „епархии во рамките на Охридската архиепископија“.

Белградскиот весник додава и дека СПЦ планирала да го признае единството со МПЦ-ОА на крајот на вчеразапочнатиот Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија, што ќе означи помирување и обнова на единството.

Порталот Религија.мк, оценува дека доколку најавите на „Курир“, се покажат како точни Соборот на СПЦ, сушност „ќе се обиде да создаде привидна слика наспроти реалноста, поистоветувајќи ги признавањата на канонскиот статус од Вселенската патријаршија и признавањето на канонскиот статус од СПЦ како идентични за МПЦ-ОА.

– Но, тие во себе имаат две огромни разлики. Првата е редоследноста, а втората е административниот статус на црквата. МПЦ-ОА признаена прво од СПЦ како канонска, добива решен канонски статус, но дефакто добива и решен административен статус, но како автономија, бидејќи се враќа таму од каде што и се одвоила. МПЦ-ОА признаена прво од Вселенската патријаршија добива решен канонски статус, но останува во неформална автокефалност со нерешен административен статус, бидејќи не произлегува од неа, наведува порталот.

Според Религија.мк, прва добра вест во наводите на „Курир“ е дека СПЦ можеби решила да не го опструира процесот и остава простор МПЦ-ОА да дојде до посакуваната автокефалност, а втора добра вест е што СПЦ практично ќе ја признае одлуката на Вселенската патријаршија и ќе биде втората православна црква која ќе се согласи дека МПЦ-ОА не е расколничка црква, туку црква со исправен канонски статус, што би требало да ги поттикне на таков потег и другите цркви, но и да ја „стиши Руската православна црква“.

– Првата лоша вест е што и на овој начин СПЦ се обидува во јавноста да ја продаде приказната дека МПЦ-ОА сега станува автономна црква и дека практично тоа што Вранишковски беше до сега, од сега ќе биде архиепископот Стефан. Втората лоша вест е што ова сценарио открива дека СПЦ и немала баш искрени намери, а на македонските владици кои биле изминатиов период на средби со српските владици им се подготвувала класична замка преку која тие де факто ќе станеле автономна црква и ќе го признаеле Нишкиот документ од пред 20 години, додава Религија.мк.

Поралот оценува дека од ова јасно се гледа колку е важна одлуката на патријархот Вартоломеј од 9 мај, со која МПЦ-ОА практично е спасена од идејата да се врати во прегратките на СПЦ и дека српските владици знаеле што ќе следува и се обидувале „да ја претркаат Вселенската патријаршија“.

Според Религија.мк, ако се земе предвид блискоста на „Курир“ до власта, ако се анализира речникот употребен во текстот и ако се доловат речениците наменети за српската јавност како да се продаде веста, а СПЦ да не биде поразената страна, информациите изнесени во текстот на белградскиот весник би требало да имаат висок степен на веродостојност.

– Улогата што Вселенската патријаршија ја одигра е комплетно изместување од шините. Наместо триумф, СПЦ е во позиција да ја следи одлуката на Вселенската патријаршија, затоа што решавањето на канонскиот статус на МПЦ-ОА, доаѓа преку Вселенската Патријаршија и тоа преку користење на инструментот за апелација, а не преку Српската православна црква. Разликата е во тоа што ако МПЦ-ОА се вратеше во канонско единство преку СПЦ, ќе беше практично автономна црква. А и еден ден автономија, без каква било гаранција за автокефалност е катаклизма. Со сегашната состојба МПЦ враќајќи се во канонското единство преку Вселенската Патријаршија, практично се наоѓа во неформален автокефален статус, кој допрва треба да се официјализра, заклучува Религија.