Посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Скопје, веројатно на 22 и 23 март, доаѓа во период на зголемени политички тензии по вчерашните случувања во Собранието во врска со донесувањето на Законот за јазиците, пишува весникот „Катимерини“.
– Министерот за надворешни работи Никос Коѕијас ќе оствари официјална посета на Скопје во период кога во соседната земја постојат тензии, како што се покажа вчера, за време на гласањето на новиот закон за употреба на малцински јазици во ПЈРМ, наведува „Катимерини“ и додава дека посетата, освен високата симболика, се очекува да донесе и суштински разговори на шефот на грчката дипломатија со македонскиот државен врв.
Весникот објаснува дека законот бил изгласан, а „членови на собраниското обезбедување запреа судир меѓу Никола Груевски и Талат Џафери“.
Токму видеото од инцидентот меѓу поранешниот премиер и собранискиот спикер утрово го објави грчката телевизија „Скај“, со коментар дека „не е прв пат да гледаме вакви слики во Собранието во Скопје“, но и дека „на инцидентен начин по втор пат беше изгласан законот“.
– Масло во огнот фрли претседателот Иванов кој рече дека нема да го потпише законот, коментира новинарката од грчката телевизија.
Вчерашните случувања во македонското Собрание, како и одлуката на Иванов, се најдоа и во онлајн изданијата на грчките медиуми, јави дописникот на МИА од Атина.
„Претседателско „не“ за проширувањето на албанскиот јазик“; „ПЈРМ: На инцидентен начин изгласано проширувањето на албанскиот јазик“; „Оган на политичката сцена фрла претседателот Иванов“; „Тензија и инциденти во собранието на ПЈРМ“, се дел од насловите во грчките медиуми во текстот преземен од грчката новинска агенција АНА-МПА.