Заев: Да се искористи потеницијалот за соработка со Турција и да се зголеми бројот на турски инвестиции

Премиерот Зоран Заев на работна средба со седнаесетина компании членки на Стопанска комора Македонија – Турција, МАТТО ги потврди заложбите на Владата на Република Македонија да ја интензивира економската соработка со Република Турција и посочи дека токму ваквиот тип на средби се во правец на остварување на тие заложби.

Како што соопшти владината прес-служба Заев на средбата истакнал дека во Македонија веќе работат сериозен број турски компании кои плаќаат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот, и порача дека уште повеќе треба да се зголемува овој број турски инвестиции и да се искористи големиот потенцијал за соработка што двете земји го имаат.

– Охрабрувањето што го добивме од Турската стопанска комора и од разговорите со премиерот Јилдирим и претседателот на Турција, Ердоган покажуваат една сериозна посветеност во детали кон Република Македонија. Негуваме едно традиционално вековно пријателство коешто мора да не охрабри сите, пред се деловната заедница да преземеме уште поконкретни инвестиции во Република Македонија, рече премиерот Заев на средбата со турските бизнисмени во Република Македонија.

Пренесувајќи ги  позитивните впечатоци од неодамнешната официјална посета на Република Турција Заев истакна дека постои силна политичка волја од двете страни традиционалното вековно пријателство уште поинтензивно да се рефлектира низ зголемување на економската соработка помеѓу двете земји.

Во рамки на работната средба беа споделени размислувања, идеи и препораки од страна на бизнис заедницата.

Премиерот Заев информираше за можностите што ги отвора Планот за економски раст и законското решение коешто помина на владина седница и изрази силни очекувања дека стопанствениците ќе ги пронајдат своите можности за инвестирање преку поддршката што ја овозможува овој план и ќе преземат храбри чекори за нови инвестиции во Македонија.

премиоерот на средбата беше придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил и советникот за економија и финансии Фатмир Бесими вчера