Пендаровски – Левиц: Северна Македонија припаѓа на Европската Унија

Сè уште чекаме на формалниот почеток на преговорите со Европската Унија. На оваа тема посветивме значаен дел од нашите разговори денеска, а ќе продолжиме и во текот на денот. Латвија е една од земјите членки на Унијата што одамна ја препозна нашата подготвеност, посветеност, па и пожртвуваност за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ. Вие и латвиското политичко раководство апсолутно разбирате дека мирот и безбедноста во Европа се во директна корелација, помеѓу останатото, и со одлуките на Унијата за нејзиното проширување, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната заедничка прес-конференција со неговиот латвиски колега Егилс Левиц, кој престојува во официјална посета на земјава.

Пендаровски изрази благодарност до Левиц за искреното залагање за динамизирање на политиката на проширување со сите земји од Западниот Балкан.

– Вашето искуство и како земја и како регион, е аргумент плус за отпочнување на пристапните преговори како прилог во динамизирање на реформскиот процес во нашите општества. Исто така, вашата подготвеност за споделување на сопствените искуства од евроинтегративниот процес е од големо значење за нас, рече Пендаровски.

Пендаровски информира дека со Левиц разговарале и за руската агресија во Украина.

– За жал, спротивно на сите меѓународни норми, руската војска веќе два месеци демонстрира сила, убивајќи цивили и уништувајќи цели градови во Украина. Северна Македонија и Латвија, освен осуда на руската воена инвазија, се приклучија и кон целосниот пакет на санкции на ЕУ кон Русија. Во овој контекст, преку солидарност и заеднички напори со сојузниците, придонесуваме за создавање предуслови за прекин на војната, повторно воспоставување на мир и безбедност на нашиот континент и амортизирање на огромната хуманитарна и бегалска криза, нагласи Пендаровски.

Според Пендаровски, Балканот и Балтикот и покрај географската дистанца, имаат голем потенцијал за доближување по многу линии, пред сѐ во економската, трговската, културната и дигиталната сфера.

– Убеден сум дека со вложување на дополнителни напори, со асистенција на Брисел можеме да ги „пресликаме“ успесите што евроатлантската интеграција ги стимулираше на Балтикот и тамошната позитивна трансформација која за нас претставува инспирација. Во отворената и пријателска средба со колегата Левиц само се потврди искрената поддршка на Латвија во однос на македонското место во Обединета Европа, потенцира Пендаровски.

Претседателот Левиц соопшти дека ова е прва негова посета на земјава и нагласи дека има одлични билатерални односи меѓу Северна Македонија и Латвија.

– Ние  сме земји со слична големина, со број на население, со слична територија и ние сме пријателски земји кои сакаат понатаму да го унапредуваат мирот и соработката во Европа, рече Левиц.

Латвија, како што рече Левиц, секогаш даваше поддршка на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан, како заради стратешки причини, така и заради политички и економски причини, а сега особено во изминатите недели и месеци има една дополнителна причина, а тоа е безбедносната причина.

– ЕУ исто така е унија на демократски држави, кои размислуваат еднакво и тоа има реперкусии и врз безбедносната состојба во Европа и заради геополитичките причини ние даваме силна поддршка на проширувањето и сметаме дека секоја земја кандидат треба да се вреднува според индивидуалниот напредок. Гледаме дека Северна Македонија ги има исполнето критериумите и треба да биде соодветно вреднувана за тоа. Латвија е силен поддржувач на Северна Македонија во ЕУ, рече Левиц.

Тој смета дека новата состојба во Европа ќе води исто така и кон поголема отвореност на ЕУ во врска со проширувањето и пристапувањето на Северна Македонија затоа што, како што рече, тука се работи и за прашање на кредибилност на ЕУ.

– И ние мора да ги одржиме нашите ветувања, а Латвија секогаш давала поддршка на оваа позиција, рече Левиц, нагласувајќи дека Северна Македонија припаѓа на ЕУ.

Претседателот Левиц се осврна и на агресијата на Русија врз Украина или, како што рече, врз демократска земја, со што се промени и безбедносната ситуација во Европа и тоа целосно.

– Го споделуваме мислењето во врска со осудата на оваа агресија. Во таа насока треба да размислиме за европската безбедносна архитектура, која треба повторно да се изгради по агресијата од Русија на Украина. Ние сме сојузници во НАТО, треба да работиме заеднички за да го зајакнеме НАТО затоа што се работи за најзначајниот одбранбен сојуз и тоа ќе биде во прилог на двете наши земји, но и за доброто на цела Европа, рече Левиц.

Унапредувањето на мирот и безбедноста во Европа се нашата цел, нагласи Левиц, и во таа насока имаме добра соработка во рамки на НАТО.

– Ние, како многу земји на НАТО, даваме поддршка на Украина во борбата за заштита на територијалниот интегритет, но не само за Украина, затоа што всушност сега Украина се бори за сите демократии во Европа и ние како демократија имаме обврска да ја поддржиме Украина. Латвија потроши една третина од воениот буџет во поддршка на Украина, рече Левиц, додавајќи дека тоа го прават и други земји членки, во различни области.

Убеден сум, како што рече, дека Украина ќе победи, треба да победи во оваа војна и треба во таа војна да победи не само заради неа самата, туку и заради Европа.