Стејт департмент: Бугарија го крши правото на слобода на здружување на Македонците во таа држава

Американскиот Стејт департмент во Извештајот за човековите права за 2022 година во делот за Бугарија, наведува дека тамошните власти продолжуваат да го кршат правото на слобода на здружување на групите на етничките Македонци во таа држава.

– Властите продолжуваат да го негираат правото на слобода на здружување на групите на активистите на етничките Македонци како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите, наведува Стејт департментот во делот на Извештајот посветен на слободата на здружување.

Во еден пример на 31 мај, стои во Извештајот, „Апелацискиот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на Здружението на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, со образложение дека групата ќе спроведува политичка агенда која го загрозува единството и безбедноста на нација и би ги прекршиле правата на останатото население во земјата кое не се идентификува како македонско“.

Натаму, во Извештајот во делот за Бугарија, се наведува дека државата има значителни проблеми со човековите права, сериозни проблеми со независноста на судството, корупција, нетолеранција и ограничувања на слободното изразување, вклучително и закани за насилство врз новинарите и корпоративен и политички притисок врз медиумите во земјата.

Во документот се наведува дека независните медиуми биле отворено нападнати од политичари на сите нивоа и биле под административен и судски притисок. Цитирана е изјава од мај 2021 година на поранешниот генерален директор на Бугарското национално радио, Андон Балтаков, кој вели дека законот во земјата фаворизира политичко мешање во управувањето со медиумите преку контролирано финансирање.