ДЕЛ ОД НАПАДИТЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ИНДИЈА

 

1fe1

За несреќа, реката Џелум била толку надојдена од монсунските дождови, што било невозможно да се премине. Освен тоа, дури и да било можно да се премине реката, Пор чекал од другата страна со стрелци, бојни коли и слонови. На обичен набљудувач би му изгледало дека спротивставените војски се наоѓале во пат-позиција. Ниту една од нив не можела да дејствува без тешки последици.

За да ја зацврсти идејата дека ќе чека поповолни услови пред да нападне, Александар наредил набавките континуирано да бидат испорачувани до неговиот логор пред погледот на неговиот непријател. Додека го правел тоа, пратил извидувачи надолу и нагоре по реката да бараат добро место за да ја преминат. Во меѓувреме, трупите биле ставени во целосна готовност со активности кои сугерирале можност за непосреден напад.

Откако долго време ништо не се случило, непријателот се изморил од Александровите лакрдии и почнале да ги игнорираат маневрите кои им го одвраќале вниманието. Како што сакала среќата, извидниците навистина нашле добро место за премин. Тоа било лоцирано на 25 километри низводно од логорот и било идеално бидејќи имало една теснина во близина на реката од истата страна, што било добро место за да се скријат војниците.

За да обезбеди успешно преминување на реката, Александар морал темелно да го збуни непријателот во врска со неговите вистински намери, па затоа им наредил на своите трупи да палат огнови на голем простор во текот на секоја ноќ. Во исто време, Птоломеј водел поголем број коњаници горе-долу по речниот брег, правејќи колку што може поголема врева додека правел лажни обиди да ја премине реката.

Во почетокот, сите овие демонстрации сериозно биле земени предвид и секое движење и секој маневар бил проследен со исто такво дејство од непријателските сили на другата страна од реката.

Но, по извесно време, кога станало очигледно дека тоа биле само трикови за да се вознемират непријателските војници и да се намали нивниот морал, Пор почнал да ја намалува својата будност. Пор морал да мисли дека вистинската цел на Александар е да го скрши моралот на неговата војска и да го нападне тогаш кога ќе биде најслаб. За несреќа на Пор, Александар бил многу попаметен и помудар од тоа.

1fe12

Македонската фаланга во Индија

Александар морал да стапи во акција за помалку од два дена бидејќи другиот раџа, Абисар од Кашмир (Abisares of Kashmir), бил на околу 80 км северно и се приближувал. Иако Пор бил спокоен во врска со вежбите на Александар, неговите патроли постојано дежурале. Било каков обид да се премине реката, дури и без да биде откриен, би бил совладан од страна на силите на Пор штом ќе биде лоциран.

За да ги зголеми своите шанси максимално, Александар ја поделил својата армија и наредил истовремени, но одвоени напади на различни точки на реката. Не знаејќи од каде ќе дојде нападот, Пор морал да ги подели своите сили за да ги пресретне Македонците. Во меѓувреме, понтонскиот мост бил тајно составен и бил подготвен за употреба.

Во превезот на ноќта, Александар, со 10.000 пешадинци и 5.000 коњаници, нечујно се приближувал до брегот за да измине 25 км, со цел да нападне в зори. Заднинската придружба за багаж и голем дел од војската останале во базниот логор. Александар дал наредба отворено да се започне со вршење подготовки за напад штом ќе започне да се зазорува. Освен тоа, некој што личел на него и што бил облечен во кралска одора, излегол од неговиот кралски шатор и почнал да дава гласни наредби.

Втората група, која се состоела од три баталјони тешко вооружени пешадинци, наемни коњаници и пешадинци, била испратена од главниот логор на половина пат помеѓу главниот логор и местото за премин на Александар, со наредба да чека и да премине само тогаш кога Александар ќе стапи во битка. На Кратер (Craterus), кој командувал со силите во главниот логор, му било наредено исто така да чека и да не преминува додека Пор не се помести од неговите сегашни позиции за да го гони Александар.

Ова било навистина брилијантен план кој сигурно му задавал дилеми на Пор. Што да направи? Го сторил она што секој вешт командант би го направил. Испратил силна војска да го спречи Александар да ја премине реката. Александар, пак, предвидувајќи го неговиот потег, му се спротивставил со противнапад, потпирајќи се на своите најдобри македонски војници за да изврши молскавичен премин и да ја пренесе главната битка на другата страна; потег што ќе остане ненадминат до ден-денес.

Александар, сепак, добил и мала помош од неговите богови кои му обезбедиле заглушувачки грмотевици и пороен дожд, кои ја замаскирале вревата при неговото истоварување. Иако преминот бил успешен, не било се’ добро. Изгледа дека извидниците на Александар направиле грешка. Земјиштето на кое Александар се истоварил не бил очекуваниот брег, туку друг, продолжен остров. Било тоа долга и напорна борба да се преминат брзите струи на бујната река Џелум.

Истоштени и извалкани во кал, Македонците најпосле успеале да ја преминат реката. Пор се уште не знаел каде ќе се води главната битка. За оваа истоштувачка и бесцелна вежба на Александар, Пор претпоставувал дека е уште едно лукавство за да ги намами неговите сили подалеку од главниот напад. Сепак, но мало двоумење, а и за да биде на безбедна страна, Пор на крај го испратил својот син со 2.000 коњаници и 120 воени коли, но тогаш веќе било предоцна. Најголемиот дел од десантните сили на Александар веќе ја преминале реката и лесно ги совладале Индијците.

По краткотрајниот судир, Индијците побегнале оставајќи околу четири илјади мртви, вклучувајќи го и синот на Пор. Додека ги гонел Индијците кои бегале, на Александар му се приклучила и втората група од неговата војска, која дотогаш успеала да ја премине реката. Александар повторно ја поделил војската и ја презел командата врз коњицата, која со галопирачка брзина јурела напред, а пешадинците ги следеле одзади со марширачки чекори.

Кога Пор ја добил веста дека синот му загинал и дека Александар ја преминал реката, решил дека е време да се соочи со него и ги повел своите оружени сили низводно за да се бори. Само мала сила, што се состоела, главно, од слонови, била оставена во позадина да го спречи Кратер. Се проценува дека Пор имал на располагање приближно 2.000 коњаници, 20.000 пешадинци, 130 слонови и 180 бојни коли.

Пор одбрал пространа, песочна рамнина за бојно поле и ги позиционирал своите пешадинци во еден широк централен фронт, засилени со слонови поставени на растојание на околу 30 метри. На крилата ги поставил своите бојни коли и коњаниците, заедно со една странична група пешадинци.

1fe13

Битка во Индија

Коњаниците на Александар пристигнале први, но стоеле настрана и не стапиле во битка додека не пристигнале пешадинците. Александар имал околу 11.000 македонска пешадија и 6.000 коњаници. Додека чекал, Александар ги држел своите коњи надвор од видокругот и вршел подробно извидување на борбениот поредок на Пор. Фронтален напад со коњаници би било тешко да се изведе, спротивставувајќи ги коњите против слоновите. Фалангата може да го реши проблемот, но не додека коњицата на Пор се уште е активна. Но, најпрво, мора да се онеспособи коњицата за да нема можност таа да ја заобиколи фалангата.

За да се ослободи од индиската коњица, Александар решил да го нападне левото крило на Пор. Идејата била да се држат двете коњички дивизии скриени од непријателот, додека се врши напад со целата видлива коњица, која броела нешто помалку отколку вкупниот број коњаници на непријателот.

Било сигурно дека вооружена сила од толкава големина ќе го совлада левото крило на Пор и дека тој ќе мора да повлече  засилување од неговото десно крило. Командантот на скриените дивизии добил специфични нареби да го заобиколи десното крило на Пор и да остане надвор од видокругот се додека левото крило не влезе во битка.

Кога Пор ќе прекомандува војници од десното крило за да ги вовлече во борбата, тогаш тој ќе мора да јуриша зад непријателските редови и да нападне од заднина. Во спротивен случај, нормално ќе го вовлече непријателот во битка. На фалангата и било наредено да одолговлекува со вовлекување во борба додека нема докази дека непријателот е збунет.

Продолжува 

Пишуваат:

1slave5 РИСТО СТЕФОВ И

1slave 1 СЛАВЕ КАТИН