Турција ги поддржува легитимните барања и ги штити правата и интересите на турската заедница, која со векови живее на територијата на Северна Македонија и која е меѓу нејзините рамноправни и конститутивни народи и се залага за благосостојбата и развојот на државата, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Танџу Билгич во врска со резултатите од Пописот на населението во земјава.
– Претставниците на турската заедница во земјава во текот на процесот упатија повеќе апели пописот да се спроведе правично, транспарентно и без никакво сомнеж. Резултатите од пописот покажаа дека тие повици, за жал, биле игнорирани, наведува Билгич во изјавата.
Тој воедно ги повикува властите во земјава да ги земат предвид забелешките на објавените пописни резултати на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија.
Ова Тело во кое членуваат невладини организации, политички субјекти, интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница, во реакцијата на резултатите од пописот наведе дека тој ќе се памети по многу „неодговорени прашања и игнорирање на барањата“ на Турците, со што се „повредени правата на турскиот народ кој е еден од државотворните народи на РСМ и еднаков со другите“.
Координативното тело наведува дека во текот на пописниот процес многу пати изразувале незадоволство околу „методологијата, недостатоците, недоволниот број на попишувачи и инструктори Турци, прекини и нефункционирање на апликацијата за попишување во земјава и во странство, проблеми со преводот и недостатоци во софтверот, недоволна информираност на населението за пописот, притисоци и манипулации на терен и фактот дека многу граѓани не се избројани, односно попишани“.
– За горенаведените проблеми, пропусти и забелешки беа информирани сите надлежни институции, органи и претставништва на странски мисии во нашата држава. Нашите барања беа занемарени и игнорирани. Ваквиот пристап на надлежните институции го засенија целокупниот пописен процес. Доколку беа земени предвид нашите барања и забелешки согласно Уставот и законите, првично од Државниот завод за статистика, ќе беа решени повеќе од горенаведените проблеми и пропусти, се наведува во реакцијата.
Според Телото, во текот на пописот се повредени повеќе уставни одредби, како оние за слободно изразување на националната припадност, владеењето на правото, соодветната и правична застапеност на граѓаните, еднаквите слободи и права и гарантирањето на заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници.
– Искажаната загриженост пред и за време на пописот за жал денес е потврдена. Објавените резултати и проценти не ја претставуваат вистинската слика на турскиот народ во земјава, односно бројките и процентите се потценети. Кога ќе се споредат нашите податоците од различни населени места каде што живеат Турци со објавените податоци, се воочува огромна разлика помеѓу податоците. Согласно горенаведените факти турскиот народ во РСМ под никакви услови не ги признава пописните бројки и проценти, наведува Координативното тело, додавајќи дека во наредниот период максимално ќе ги искористи сите законски и демократски права и приговори во врска со пописните резултати.