Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски тврди дека податоците кои се собрани со спроведениот попис се точни и оти при собирањето и обработката се почитувани сите меѓународни стандарди. Бројката од 132 269 лица за кои податоци се преземени од базите на податоци во земјава, според него, не е голема, со оглед на околностите во кои е спроведен пописот, а тоа е ковид-пандемијата, отсуството на граѓаните поради одмори, но и поради отворениот и скриениот бојкот. Во овие податоци кои се преземени од базите, нагласи Симовски, нема податоци за етнички или верски карактеристики.
-Ние спроведувавме попис во исклучително тешки временски услови. Прво беше септември, продолжено лето. Луѓето го искористија овој топол период да користат одмори, и после година и половина беа на одмор. Многу луѓе не беа физички тука. Таму остававме пораки дека дошле попишувачи, остававме телефони. Добар дел од граѓаните се јавија и беа попишани, дел не, рече Симовски.
Потоа, нагласи, имаше интензивни работи во земјоделието и многу од граѓаните не можевме да ги најдеме. Имаше и ковид-пандемија и луѓето се плашеа да отворат врати, но и други причини.
–Но и покрај се ова имавме една ваква бројка која во вакви околности е исклучително мала. Можам да кажам дека очекуваме и поголем дел од населението да не биде опфатено, рече директорот на Државниот завод за статистика.
Тој вели дека не можат сите овие лица да бидат казнети за неучество во пописот, со оглед на тоа што, како што рече, не се знае дали го бојкотирале, дали се плашеле од пандемијата, дали не биле во државата или пак не се попишани од некоја друга причина.
Тој во одговор на новинарско прашање истакна и дека во ниедна база од која се црпени податоците за граѓаните кои не беа опфатени со пописот, нема податок за етничката припадност.
-Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што, за овие лица прашањето за етничка припадност, мајчин јазик и јазикот којшто се говори во домаќинството и за вероисповед ќе ги нема, се празни. Ние користевме девет бази од коишто влечевме податоци и уште три бази коишто ги проверувавме контингентите, значи вкупно 12 бази. Не само од базата на МВР, туку и од Регистарот на население. Од МВР ја користевме базата на државјани, не пишува националност, имате лични карти издадени на одреден јазик, националност не пишува. Да не мешаме државјанство и етничка припадност, рече Симовски.
Според него, доколку, како што рече, не биле црните кампањи дека ДЗС работи надвор од стандардите и оти веќе претходно ги местел податоците, бројката на неопфатени граѓани ќе била далеку помала.
-Јас би сакал никој да не биде казнет, ама сите да сфатат колку ни значи оваа операција и колкава штета направија тие коишто ете не сакаа, а пак се дел од пописот, не го уништија пописот. Нашата намера од старт беше да не казнуваме. Нашата намера беше граѓаните да ја разберат потребата од попис, рече директорот на ДЗС.
Тој е задоволен од брзината со која беа обработени податоците. Ова, нагласи, е екстремно брз момент на објавување на резултати.
-Значи, сите овие бази за кои говоревме мора да се проверат, тоа е процес којшто не може да се направи со едно стискање на копче. Секој податок мораше да се провери, за секого гарантираме дека навистина треба да биде дел од таа категорија на население, така што ова е екстремно брзо и првпат во историјата имаме за толку краток период конечни податоци од пописот. Во 2002 година чекавме година и пол што беше исто рекорд, претходно беше повеќе од две години, рече Симовски.
Директорот на Државниот завод за статистика одговараше и на прашање за бројот на лицата кои се изјасниле како Бугари во земјата и истакна дека таа се движи околу 3500, а за попрецизна бројка упати на податоците кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Заводот каде има и други податоци кои не беа презентирани денеска.