Софиското издание „24 часа“ синоќа соопшти за одржана средба на лидерите на владејачката коалиција во Бугарија на тема Северна Македонија, повикувајќи се на учесници на средбата. Како што јави дописникот на МИА од Софија, двете главни теми биле пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија и обединување околу заедничка кандидатура за шеф на Бугарската народна банка.
Локалните медиуми потсетуваат на зборовите на бугарскиот премиер Кирил Петков на средбата на премиерите на државите членки на НАТО од Југоисточна Европа што се одржа во Софија, дека Северна Македонија има место во европското семејство и тоа треба да се случи што е можно поскоро.
За време на средбата Петков рекол и дека Бугарија и нејзината влада се посветени тоа да се постигне, но има прашања кои треба да се разјаснат етапно, меѓу кои се и правата на малцинствата.
Кирил Петков посочил дека Бугарија и Северна Македонија постигнале голем напредок во односите во последните три месеци, вклучително и за историските прашања, и дека прво ќе ги запознае своите коалициски партнери со извештајот за напредокот на историската комисија, а потоа ќе го тоа претстави пред јавноста во Бугарија.