Евродипломатите уверуваат кризата во Украина нема да ги забави евроинтеграциите, Скопје очекува брзи чекори од ЕУ

Кризата во Украина нема да го забави процесот на евроинтеграција на Северна Македонија. Земјата веќе ги има исполнето условите за почеток на преговорите со Унијата, а спроведувањето на реформите се брзиот пат за нејзино членство во ЕУ, порачаа евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и амбасадорот на Франција во Скопје, Сирил Бомгартнер. Властите во Скопје пак очекуваат од ЕУ да направи веднаш брзи чекори кон отворање на преговорите и оти и Софија ќе го сфати моментот дека проширувањето на ЕУ е дел од безбедносната политика.

– Новиот геополитички контекст само ја зајакнува стратешката важност за стабилизирање на регионот, особено за Северна Македонија на премин кон нова етапа, а тоа е регионална интеграција, така што тој нов концепт не може да предизвика спротивни ефекти, посочија амбасадорите Гир и Бомгартнер на вчерашната заедничка прес-конференција посветена на ситуацијата во Украина, во одговор на новинарско прашање дали со оглед на новонастанатата ситуација постои размислување да се забрза процесот на пристапување на Северна Македонија и Албанија.

Гир и Бомгартнер отфрлија брз прием на Украина во ЕУ и истакнаа дека ситуацијата во оваа земја ја нагласува важноста на блиското партнерство со Унијата и вредноста на Северна Македонија како членка на НАТО.

– Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија како членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. Тоа веќе беше изразено од страна на сите европски лидери во Брдо и тоа е всушност клучната порака која што ние ја кажавме. Се разбира дека процесот на пристапување треба да биде испорака на реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи, порачаа дипломатите.

Бомгартнер потенцира дека во процесот за европска интеграција на Северна Македонија, Франција придава стратешко значење и тоа е нешто што е веќе признаено.

– И француските власти имаат повод тоа да го истакнуваат во повеќе наврати јавно велејќи дека формално Северна Македонија ги исполнува сите услови што се бараат од ЕУ, прецизирајќи дека според нас, а мислам дека тоа го споделуваат и сите други земји дека во последните години земјата навистина постигна забележителен напредок и со тоа навистина се зголемува динамиката за приближување кон ЕУ. Но, исто така ние сме истакнувале дека постои стратешко значење во тој процес заради регионалната стабилност и денес сосема е јасно дека новиот геополитички контекст само го зајакнува ова тврдење, рече Бомгартнер.  

Тој истакна дека во однос на состојбата со која се соочуваме, легитимните украински власти имаат право да поднесат барање за членство во ЕУ.

– Генерално за прашањето за европска интеграција мислам дека приоритетот објективен не е во Украина, туку во овој регион. Уште повеќе во оваа земја и во Албанија, а во тој поглед знаете дека има процес што е во тек, што од близу се следи од европските институции и во тие рамки од страна на француското претседателство со ЕУ и секоја корисна активност во тој поглед ќе биде преземена за да може во најкраток можен рок да се постигне таа цел која што е заедничка, а тоа е што побрзо отворање на преговорите за членство со ЕУ, рече Бомгартнер.  

Евроамбасадорот Гир го отфрли пристапот да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Северна Македонија и Бугарија, бидејќи како што нагласи, станува збор за две крајно различни ситуации.

– Самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на ОН и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во Украина како што веќе кажав, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник, рече Гир.

Евроамбасадорот истакна дека во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има неколку области на спор, но, како што рече, Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Северна Македонија и продолжи да дава поддршка и на нејзиниот интегритет и суверенитет, а во изминатите неколку дена Бугарија како одговор на Европскиот цивилен заштитен механизам исто така помагаше на евакуација на македонски граѓани од Украина.

Францускиот амбасадор од своја страна, во овој контекст, истакна дека актуелната состојба покажува уште појасно отколку во минатото дека се наоѓаме во конфронтација на модели и на вредности – европскиот модел е на неупотреба на сила, на барање решение со добра волја низ дијалог и диполоматија.

– Токму тоа ние денес го забележуваме преку овој зајакнат дијалог меѓу двата главни града што се воспостави од почетокот на годината и во тој дијалог има политички одговорни лица што се храбри, понесени од најдобрата намера и во тој контекст секој треба да се обиде, колку што е можно да биде поодговорен, а тоа значи да ги оставиме тие што преговараат меѓу себе да најдат решенија. Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со највисоко внимание и се подготвени кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес, за да може во најкраток и најбрз можен рок, овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех што сите го посакуваме, посочи Бомгартнер.

Говорејќи за проширувањето на ЕУ во конетекст на актуелната ситуација со Украина, шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера во изјава за ТВ 24 рече дека Западниот Балкан е слаба точка на ЕУ и дупка во нејзиното тело и оти сега е момент тоа да се смени.
– Проширувањето на ЕУ е пред се безбедносна политика и важна безбедносна компонента. Се надеваме дека ЕУ ќе смогне сили и ќе направи веднаш брзи чекори, а најлесниот пат е веднаш да почне преговори со Северна Македонија. ЕУ мора да ја смени динамиката во регионот. Од четирите отворени прашања во регионот, БиХ, Косово, Република Северна Македонија  и Албанија, со започнувањето на преговорите со Скопје и Тирана ќе решат веднаш две и тоа ќе помогне за затворање и на другите две, истакна Омсани.
Тој посочи дека продолжува процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и се надева дека и Софија ќе го сфати моментот дека проширувањето на ЕУ е дел од безбедносната политика. Очекува да продолжи и ангажманот на САД за надминување на проблемот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *