Гир и Бомгартнер: Украина мора да остане суверена и слободна земја, С Македонија е усогласена со ЕУ и НАТО

Русија мора веднаш да ги прекине своите воени дејствија и безусловно да се повлече од целата територија на Украина за да се врати во нејзините меѓународно признаени граници. ЕУ е обединета во силната поддршка на Украина и нејзиниот народ. Украина е жртва и мора да и се помогне на кој било начин, Украина мора да остане суверена и слободна земја, порачаа шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, на денешната онлајн прес-конференција.

Според амбасадорот Гир, навистина е прашање на живот и смрт и меѓународната заедница во одговор се реши за целосна излолација на Русија за да го држи одговорен претседателот Путин за оваа агресија.

-Не можеме да дозволиме Русија да се извлече со инвазија врз мирољубива земја. Оваа инвазија ќе го уништи меѓународниот поредок. Која било земја членка на меѓународната заедница исто така може да се соочи со иста закана по нејзиниот суверенитет, вели амбасадорот Гир, кој им одаде почит на луѓето на Украина за покажаната храброст и решителност во овој многу тежок, мрачен момент.

Амбасадорот Бомгартнер говорејќи од име на Франција како актуелен претседавач со ЕУ, истакна дека постои агресија, а агресорот е идентификуван и првиот одговор што го дава Европа и меѓународната заедница е потребата да се изолира и да се ослабне агресорот. ЕУ, вели, навистина делува во таа насока, а Франција која претседава со Советот на ЕУ е активна во потрага по таа продуктивна мобилизација.  

Двајцата укажаа на широките санкции воведени против Русија, како и кон Белорусија, кои, оценуваат дека  се на ниво кое никогаш досега не било направено, а со цел да се стави притисок на тие што се одговорни за инвазијата врз Украина, како и на помошта обебзедена за Украина.

Според Гир, обезбедена е значителна хуманитарна помош на украинскиот народ. Европската комисија веќе најави 90 милиони за Украина и Молдавија, а од почетокот на кризата од 2014 година доделена е 248 милиони евра хуманитарната помош. ЕК , додаде, исто така ќе одвои 50 милиони евра од европскиот буџет со цел да се соочи со хуманитарните последици од оваа криза. Д ополнително ЕК веќе најави 1,2 милијарди евра како помош на украинската економија и исто така механизмот за цивилна заштита на ЕУ којшто ги координира одговорноста, акциите на ЕУ. 

-Помагаме и на земјите членки на ЕУ да обезбедат сигурно прибежиште за бегалците. Земјите членки на ЕУ посочија дека 650 000 луѓе веќе имаат избегано од Украина и тој број се зголемува. Денеска министрите за внатрешни работи на ЕУ веќе разгледуваат можност за активација на привремена директива за заштита, да им помогне во брза и ефективна помош на луѓето кои бегаат од војната во Украина. Исто така, се дава привремен престој, пристап до образование, на пазарот на трудот и на работни места, вели амбасадорот Гир.

Францускиот амбасадор подвлече дека во однос на поддршка на жртвата на агресија, активноста која што ја спроведува ЕУ е навистина забележителна.

-Во тој поглед се наоѓаме во состојба на промена на односите затоа што за првпат Европа, односно ЕУ одлучи да финансира купување на оружје, дури и купување на смртоносно оружје за помош на херојскиот отпор на Украина. Надвор од таа поддршка има и масивна помош која што се доделува на хуманитарен, макроекономски план итн, рече Бомгартнер.    

Двајцата амбасадори посочија и на важноста на Резолуцијата на ОН која е поддржана со големо мнозинство од 141 земја членка, а со која се осудува руската агресија, се повикува на престанок на инвазијата и Русија веднаш да ги повлече сите воени сили од меѓународно признаените граници на Украина.

-Кои се лекциите од оваа криза веројатно уште е рано да кажеме, но воено ќе кажам дека состојбата е навистина доста тешка на терен. Не станува збор за никаква игра, односно глума, се наоѓаме на почетокот на кризата и она што е од извонредно значење е реакцијата на меѓународната заедница. И со таа активност е промената перцепцијата која што можеби сме ја имале појдовно. Очигледно е дека западната страна е навистина обединета и тоа на највисоко ниво со една ефикасност која што ми се чини дека никој не ја оспорува, вели Бомгартнер.  

Според него, мултилатералниот систем е зајакнат, тоа важи и за НАТО, но може да се каже и за ОН, но подвлече дека Европа од сето ова е поголема и посилна.

-За оние кои се уште и веруваат, Европа покажува дека не е политичко „џуџе“, туку се повеќе се наметнува како силен и незаобиколен актер на којшто можеме сега да сметаме. Мислам дека сите овие настани го зголемуваат расудувањето дека е навистина неопходно Европа да се зајакнува затоа што историјата се менува и Европа се повеќе станува сила која што сака сопствена одбрана, сопствена автономија стратешка од областа на енергетиката, но исто така и зајакнување на капацитети за сопствено производство во критични сектори. ЕУ се повеќе се афирмира како голем политички актер во светскиот поредок. И не случајно тоа се и приоритетите на француското претседателство, порача Бомгартнер. 

Амбасадорите Гир и Бомгартнер ја поздравија и улогата на Северна Македонија, која, според нив, демонстрираше меѓународна солидарност и одговорност, веднаш се усогласи со итните санкции на ЕУ против Русија и служи за пример во рамките на НАТО, со својот придонес во реакцијата на случувањата во Украина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *