Стојан Христов (1898 – 1996) е американски писател, публицист, новинар и сенатор. По потекло е Македонец, роден во село Кономлади, Костурско, Егеска Македонија. Во 1911 година, на 13 годишна воздраст, со група селани и покрај волјата на своите родитеи и тој отпатувал на печалба во Америка. Една од причините што мнозина заминале на печалба била неподносливата економско-политичка состојба во Македонија.
Во Америка, Христов најпрво работи како физички работник во ложарницата во градот Сент Луис, а потоа на изградба на железничката линија во снежните степи на сојузната држава Монтана. Многу македонски печалбари ги оставиле коските во овој дел од Америка.
Авторот, своите маки и страдањата на македонските печалбари од тоа време, ги опишал како да ги надминуваат маките на Данте Алигери во неговото дело „Пекол“. Нивните маки можат да се прочитаат во автобиографско – мемоарската трилогија: „Ова е мојата татковина “ (1938), „Мојот американски аџилак“ (1947) и „Орелот и Штркот“ (1976). Преку интензивно читање и изучување на јазикот, тој се сели во Чикаго каде ќе се запише да студира на универзитетот „Валпараизо“ во Индијана.
При недостиг на сретства повторно, со група од дванаесетмина Македонци, ќе замине на работа на железничката линија во Монтана. А по завршувањето на студиите ќе се вработи како новинар за американските весници „Њујорк тајмс“ и „Чикаго дејли њус“. Тој бил воен коресподент од Балканот (1927 – 1929) и слободен писател од Њујорк (1929 – 1941).
Во 1937 година Христов се оженал за Маргрет Вутерс и живееле во Филаделфија, во Калифорнија и во Вашингтон, пред да се преселат во Вермонд. Од 1943 до 1944 година Христов работел во Пентагон, во оддел како известувач и аналитичар за балканското – партизанското движење. Како таков, Христов доста допринесол за ширењето на вистините за историската самобитност на македонскиот народ, за неговите поробувања и разделби и за неговата антифашистичка борба за создавање на Македонска република во Југословенската федерација.
Како Сенатор, Христов сам си ги пишувал говорите и учтиво се залагал против било каква дискриминација да биде озаконета во Уставот на Вермонт. Од 1925 – 1974 година Христов напишал и објавил над стотина литературни раскази и публицистички трудови за културата и традициите на балканските народи.
Во 1953 година на покана на Лазар Колишевски со својата сопруга Маргарет ја посетил Македонија, како гостин на Матица на иселеници на Р. Македонија и Друштвото на писатели на Македонија. Тогаш, тој, посетата ја оценил како една од највозбудливите моменти во животот, а другиот возбудлив настан се случил кога неговата автобиографска книга, романот „Ова е мојата татковина“ бил најден на канцелариската маса во Белата Куќа на Франклин Рузвелт, веднаш по неговата смрт, со што тој и станал познат и на американската јавност.
На втората посета на Македонија во 1985 година Христов бил прогласен за Почесен доктор по филологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а една година подоцна е основана и Фондацијата „Стојан и Маргарет Христов“, кога тој е примен за член во МАНУ и за почесен член на ДПМ. Познати негови дела се следните: Херои и убијци (1935), Мара (1937), Ова е моја татковина (1938), Лавот од Јанина (1941), Мојот американски аџилак (1947) и Орелот и Штркот (1976).
Убаво е да спомнеме дека професорката Даница Цветановска докторирала на тема: „Стојан Христов – живот и дело“, по тој повод таа има објавено и своја книга со ист таков наслов. А во фелтонот на Нова Македонија „Не раскажана приказна за Стојан Христов“, д-р Цветановска ги објавува искажувањата на г-ѓа Маргарет Христова, од која дознаваме за последните денови од животот на нејзиниот сопруг, неговата оставнина, како и за писмата што ги добивал и испраќал кај многу познати личности во Америка и светот. За смртта негова еве што кажала г-ѓа Христова: – Стојан почина на 24.1.1996 година. Тој смртта ја дочека дома со зборовите „мајко“, „мајко“ на македонски јазик. Кога Стојан го погребувавме и времето плачеше по него. Силната снежна виулица беше придружник на скромниот погреб на великанот Стојан Христов. На Стојан Христов градот Довер му се оддолжил со поставување на спомен плоча пред гратското собрание. – Со смртта на Стојан Христов македонската јавност загуби голем човек, писател, публицист и новинар чие дело е од непроценлива вредност за историјата и културата на македонскиот народ. Големото дело на господин Христов треба да го заземе заслуженото место во македонската ризница на духовни вредности – се вели меѓу другото, во писмото на Бранко Црвенковски до вдовицата Маргарет Христова.
А по повод доделувањето на титулата „Почесен доктор“ на сенаторот Стоја Христов, во својата воведна реч академик Гане Тодоровски истакнува: Треба да се гордееме со овие и вакви писатели, кои што се колку наши толку и на други, или колку на други толку и наши, зашто такви пред Стојан Христов беа и Григор Прличев (грчки и македонски автор) и Коста Рацин (српски и македонски автор) и Никола Вапцаров (бугарски и македонски автор), како и Анѓелко Крстиќ, Крстју Белев, Самуил Стрезов… со кои сме дале и ни прифатиле, сме се надраснале и сме се извишиле над сопствените тесни синори, сме успеале да не наслушаат…
Стојан Христов во една пригода, пред македонските новинари ќе истакне: – Ние сме посвоени синови и ќерки на Америка и на другите држави во светот, но Македонија е родена наша мајка и ние не можеме да ја заборавиме.
Пред десетина години Агенција за иселеништво на Република Македонија ја оснива наградата „Стојан Христов“, која секоја година се доделува за најдобра поетска книга на иселеник за време на поетската манифестација Струшки вечери на поезија, кои се одржуваат во Струга. Меѓу добитниците и јас ја имав таа чест да ја добијам неа во 2013 година за стихозбирката „Угрејсонце во мојот сон“ , а наградата ми ја врачи претставничката на Агенција за иселеништво г-ѓа Лилјана Мицковска.
Иван ТРПОСКИ