Скопје и Софија остануваат посветени на изнаоѓање решенија и на дијалог, од ЕП повик за брзо отворање на пристапните преговори

Во пресрет на новата дводневна средба на бугарско-македонска Заедничка комисија за историски и образовни прашања, Владата во Скопје вчера порача дека останува насочена кон решение на отворените прашања со Бугарија без да отстапува од јасните позиции, додека бугарскиот премиер Кирил Петков нагласи дека и покрај обидите за попречување на дијалогот, Софија нема да дозволи некакви провокации да им наштетат на нејзините односи со Северна Македонија. Во исто време, известувачот на Европскиот парламент за земјава Илхан Ќучук, во најновиот извештај, поздравувајќи го обновениот дијалог меѓу Софија и Скопје, бара брзо отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски вчера порача дека Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски со целиот свој капацитет е насочен кон решение на отворените прашања со Република Бугарија.

– Работните групи во двете држави работат според утврдениот план и тоа е начин преку целосна посветеност да се одржува динамиката во процесот, изјави Арсовски.

Тој нагласи и дека ставот на Владата е јасен и повеќепати кажан оти тогаш кога ќе се постигнат решенија прифатливи за двете страни, тие ќе бидат презентирани пред надлежните институции.

– Во исто време нашите позиции се кристално чисти и јасни и од тоа нема отстапка. Нема и не се преговара за јазикот и за идентитетот. Впрочем, тие позиции заеднички ги потврдија сите политички партии во Собранието. Граѓаните треба да се убедени дека Владата работи на решение кое што ќе биде во интерес на сите. Силно веруваме дека искрениот дијалог е најдобриот и најсигурен начин за успех и демонстрација на европски манири во регионот, порача Арсовски.

Бугарскиот премиер Петков, пак, запрашан за фотографиите на кои тој е со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, а на која недостига премиерот Ковачевски, изјави дека нема да дозволи провокации да им наштетат на односите на Бугарија со Северна Македонија.

– Сите се обидуваат – и во Софија и во Скопје, со некои глупости да го попречат тонот на дијалог. Нема да ги дозволам овие провокации. Затоа, во мојата следна објава на Фејсбук многу јасно кажав дека за нашата заедничка стратегија не е важно кој на која слика е, изјави Петков, нагласувајќи дека долгорочна заедничка стратегија е Северна Македонија да влезе во Европската унија.

Петков повтори и дека приоритет на бугарската Влада е заштита на правата Бугарите во земјава и спречување на говорот на омраза, со цел да не се дозволи Северна Македонија „да ги пропушти шансите за влез во ЕУ“.

Во исто време, премиерите на Грција и Романија, Кирјакос Мицотакис и Николае Чиука порачаа дека Атина и Букурешт се согласиле да работат заедно за што е можно поскоро да се свика првата Меѓувладина конференција за Албанија и Северна Македонија.

– Имавме можност да разговараме за случувањата на Западниот Балкан. Апсолутно се согласуваме дека местото на Западен Балкан, на сите држави од Западен Балкан, е во Европа и можеме да работиме заедно за да го олесниме овој тек. Се согласивме да работиме заедно за што е можно поскоро да се свика првата Меѓувладина конференција за Албанија и Северна Македонија, изјави вчера Мицотакис по средбата со Чиука во Букурешт.

Поддршката за европерспективата на Западен Балкан, како и ставот дека Грција поддржува меѓувладината конференција на Северна Македонија и Албанија со ЕУ да се свика веднаш, ги повтори денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану.

Тој потсети дека Грција во континуитет ја поддржува европерспективата на Западен Балкан со познатите услови и „ништо не е променето во однос на ова прашање“.

– Соработуваме со претседателствата на Европската Унија, како со португалското, така и со словенечкото, а сега и со француското за унапредување на ова прашање за кое, како што континуирано имаме кажано, ние поддржуваме веднаш да се свика меѓувладината конференција Европска Унија-Северна Македонија и ЕУ- Албанија, рече Папајоану.

И долгогодишната германска дипломатка и поранешна амбасадорка во Скопје и во Софија, Гудрун Штајнакер за Дојче веле изјави дека Бугарија без никакви условувања треба да се согласи на почеток преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Според неа, споровите меѓу двете земји се трупале со векови и не можат лесно и брзо да се надминат.

– На мислење сум дека Бугарија треба без никакви условувања да се согласи да започнат преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што во моментов зборуваме само за почеток на преговори, а не за влез на Северна Македонија во ЕУ. Добро ни е познато дека таквите преговори можат да траат со години. Во оваа смисла немам многу разбирање за блокадата што ја наметна Бугарија, потенцира.

Германската дипломатка посочува дека спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија не е уникатен во Европа и дава и други примери за слични конфликти кои се решиле мирно низ разговори.

– За да се смират таквите тензии, акумулирани низ толку долги години, потребно е време додека не се најде разбирање. Или барем до заклучокот дека нема начин двете страни да се договорат за сите прашања. Ова не е некаков уникатен проблем, само меѓу Бугарија и Северна Македонија. Слични конфликти постојат и на други места, на пример меѓу Словачка и Унгарија. Дури и во прекрасната Норвешка, каде што бев во тоа време, сè уште имаше несогласувања со Шведска на одредени теми, изјави Штајнакер, посочувајќи дека ваквите противречности секогаш можат да се решат на мирен и заемно прифатлив начин и оти е потребно само политичка волја и изразувајќи надеж дека новата влада во Софија брзо ќе ја прекине блокадата.

Брзо отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во најновиот извештај побара и известувачот на Европскиот парламент за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, поздравувајќи го политичкиот поттик за обновениот дијалог меѓу Софија и Скопје.

Потсетувајќи на потребата за продолжување на темпото и кредибилитетот на европската интеграција, Ќучук бара „брзо отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, имајќи предвид дека двете земји ги исполнија потребните услови и испорачаа одржливи резултати во основните области“.

– Европската интеграција ги претставува аспирациите на граѓаните на Северна Македонија кон демократија и просперитет и служи како моќен катализатор за реформи, со оглед на тоа што земјата е доверлив партнер, кој продолжи да вложува конзистентни напори на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и кон исполнување и одржување на условите потребни за отворање на пристапните преговори, дека земјата е кандидат од 2005 година и треба да продолжи со реформите, посочува Ќучук во извештајот.

Во извештајот се повикува и на „понатамошни подобрувања во спроведувањето на правата на самоидентификација, сопствено и инклузивно интеркултурно образование, правата на лицата со попреченост и правата на малцинските заедници“ и се бара релевантните тела „проактивно да ги спречат и систематски да ги гонат сите случаи на говор на омраза, злосторства од омраза и заплашување, темелно да ги истражат поврзаните напади и да обезбедат безбедност на нивните цели, како што се новинарите, луѓето кои припаѓаат на малцинствата и другите ранливи групи“.

Во извештајот се поздравува и тековниот процес на „историско помирување со соседните земји“ и во тој контекст „политичкиот поттик за обновениот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија“, кои се охрабруваат „да го забрзаат ангажманот со добра волја со цел да се постигне прифатлив компромис, а со тоа да се зближат општествата преку овозможување заедничка иднина во ЕУ“.

Инаку, европратениците ќе расправаат за извештајот на 28 февруари во рамките на Комисијата за надворешни работи, а до 8 март имаат време да поднесат амандмани, по што повторно ќе има расправа во Комисијата за надворешни работи, по што документот ќе се најде на пленарна сесија на Европскиот парламент и ќе се гласа по него.

На односите со Софија вчера се осврна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој уште еднаш ја обвини Владата дека одбива консензус „за најважното прашање кое во моментов ја засега земјата“. Според него, на повидок е многу поопширно решение само од промената на Уставот со која во него би требало да биде вклучено бугарското малцинство во земјава.

– Поопширното решение подразбира навлегување во историјата и македонскиот јазик со што директно се задира македонскиот идентитет, изјави Мицкоски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ  нема да прифати „идентитетско обезличување“.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што има на располагање за да го спречи и да се спротивстави на решение што не би било понудено на увид на јавноста.

– ВМРО-ДПМНЕ не е против решение. ВМРО-ДПМНЕ е за решение. Бара гаранции Петков, бара гаранции и ВМРО-ДПМНЕ. Бара гаранции ВМРО-ДПМНЕ за многувековната историја на македонскиот народ како посебен народ и различен од останатите словенски народи. Бара гаранции за неговата традиција, обичаи, култура, македонскиот јазик и конечно бараме гаранции како ВМРО-ДПМНЕ дека никогаш повеќе никој додека не станеме полноправна членка на ЕУ каде што му е местото на овој народ и каде што и местото на Македонија дека никој понатаму поради субјективни причини нема да не опструира. Тоа се условите да седнеме на маса да постигнеме национален консензус и да продолжиме да преговараме. За бадијала ни е се ако го изгубиме она што нашите предци а коишто со глава, крв и живот го платиле тоа што ние денес го живееме, рече Мицкоски, додавајќи дека излезот од настанатата ситуација е „масовност, нов патриотизам, обединување во борбата за заедничка иднина“.

Односите со Бугарија не беа заобиколени ниту на Годишното собрание на Македонската академија на науките и уметностите, на кое во своето експозе, претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев оцени дека „извор на сите наши витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот“, а такви, според него се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба.

Зборувајќи за евроинтеграциските процеси, претседателот на МАНУ рече дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи „јасни сигнали за Македонија, но и за други балкански држави, дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неоставрен сон“.

– Ако ЕУ преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор, туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“ што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зар тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава. Поради тоа, се поставува прашањето: која е пораката што ЕУ и ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш?, рече Коцарев во експозето.

На маргините на Годишното Собрание на МАНУ, одговарајќи на новинарско прашање околу барањето на Софија за внесување на Бугарите во Уставот, академик Владо Камбовски изјави дека никој не може да се меша и да диктира што ќе правите.

– Тоа самите го правите или не го правите, поаѓајќи од тоа дека ако оцените дека треба да го правите, тоа го правите аргументирајќи го својот потег со меѓународните стандарди, со постојната уставна рамка, стандардите за човекови права и слично, рече Камбовски.