Конференција: Северна Македонија може да стане регионален и глобален лидер на Партнерството за отворена власт

Северна Македонија ги унапреди реформите во трите клучни сегменти: партнерство со граѓаните, вклучување на маргинализираните заедници и борба против корупцијата, последнава деценија постигна огромен прогрес и може да стане вистински регионален и глобален лидер на Партнерството за отворена власт (ПОВ).

Ова го истакна главниот извршен директор на ПОВ, Санџај Прадхан на денешната конференција по повод десет години Партнерство за отворена власт во земјава.

Во видео обраќањето, Прадхан ја охрабри Северна Македонија да го сподели својот напредок со другите земји и да преземе водечка улога во областите во кои има експертиза.

-За десет години направивте огромен прогрес во полето на граѓанското учество и јавните консултации. Во однос на маргинализираните заедници, ние често ја истакнуваме пионерската работа во Северна Македонија за зајакнување на пристапот до правда за ромското малцинство. Последната деценија постигнавте значаен напредок и во антикорупциските реформи, на пример – во јавните набавки, регистрацијата на вистински сопственици, фискалната транспарентност, пријавувањето имот,… Еднакво важна е и заложбата за објавување на податоците за јавни набавки. Ве охрабруваме да го споделувате вашиот напредок со другите земји и да преземете водечка улога во вашите области на експертиза, истакна главниот извршен директор на ПОВ.

Премиерот Димитар Ковачевски напомена дека силната политичка волја за реформи кои ги трансформираа институциите во вистински сервис на граѓаните, останува меѓу врвните приоритети.

-Вклученоста на сите засегнати страни како партнери и контролни механизми, ја направија Владата потранспарентна и поодговорна. Процесот создаде основа за партиципација, за ефикасно управување со јавните ресурси, за градење систем на интегритет и за создавање средина за пристап до информации и отворени податоци. Придобивките од отвореното владино партнерство беа јасно препознаени како огромен исчекор во отчетноста и транспарентноста. Градиме нова политичка култура која ќе биде принцип на владеење не само сега, туку и во иднина, потенцира Ковачевски.

Преку концептот на транспарентност, одговорност и отчетност, Владата, посочи премиерот, ги доближи институциите до граѓаните и ги вклучи во креирањето на политиките.

-Тоа го препознавме како единствен правилен начин за креирање политики кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани. Концептот на отворена власт овозможи испорака на квалитетни услуги и ја зголеми довербата кај граѓаните, а Владата ја направи потранспарентна и поодговорна. Ги доближивме институциите до граѓаните, граѓаните ги вклучивме во креирање на политиките. Овој концепт имаше огромен придонес за земјата да се трансформира од заробена држава во отворено општество. Остануваме максимално посветени на принципите на отворена власт. Овој концепт е веќе проширен, го прифатија и општините и Собранието и судката власт што е наш сеопфатен придонес во владеењето на правото. Да се биде на последно место во 2016 година во регионот, да се стигне потоа на прво и да се остане на врвот три години по ред, значи работа, посветеност и одговорност, подвлече Ковачевски.

Премиерот напомена и дека земјава од последното место во 2016 година во регионот, се искачи на првото во однос на транспарентното владеење и таму е уште, веќе три години. Се осврна на досегашните четири акциски планови преку кои се спроведени над 50 мерки и активности за правата на граѓаните и за подобрување на нивниот статус, а со петиот акциски план, дополни, се прави голем чекор напред.

-Северна Македонија е во редот на првите држави кои го проширија опфатот на отворена власт кон сите институции, рече Ковачевски.

Во обраќањето ги спомна и Отворениот трезор преку кој, предочи, се намалува корупцијата и се зголемува довербата кај бизнис заедницата, како и процесот на дигитализацијата кој, како што истакна, е во интерес на сите.

Пред присутните се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

-Северна Македонија има препознаени резултати во процесите на отворена влада. Од приклучувањето во оваа иницијатива во 2011 година преку пет акциски планови посветено се следеше потребата од поголем ангажман и вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки, воведување на поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологијата. Отворените финансии и достапноста на информациите за плаќањата на државните институции кон фирми, други институции и физички лица, граѓанскиот буџет, зголемувањето на рокот за консултација на предлог законите на ЕНЕР, достапноста на повеќе од 300 податочни сетови на порталот за отворени податоци, воспоставувањето на регистарот за вистински сопственици се само дел од постигнатите резултати, рече Алити.

Според него, ПОВ е уникатно и моќно партнерство во чија суштина е заедничката и непоколебливата посветеност на јавниот и невладиниот сектор при ко-создавањето на трансформативни решенија.

Алити порача дека земјите членки на ПОВ пред 10 години се согласија да работат на поголема транспарентност на власта поголем ангажман на граѓаните во процесот на донесување на одлуките, поголеми стандарди на интегритет и поголем пристап до технологија за сите луѓе во сите земји.

-Иновативните алатки од оваа иницијатива овозможија поголема транспарентност и отчетност на општините во нашата земја, при што минатата година беа прогласени за едни од глобалните победници на Самитот за Партнерство за отворена власт кој се одржа во Сеул, Република Кореја, нагласи министерот.

Северна Македонија е една од 78-те земји која во 2011 година ја потпиша Декларацијата за отворена влада од која произлезе иницијативата Партнерство за отворена власт. Како што беше речено на конференцијата, изминатите неколку години, со исклучителна посветеност на Владата и граѓанското општество, во иницијативата беа создадени многу придобивки: се зголеми пристапот до информациите што придонесува за намалување на корупцијата, а има и се повеќе отворени податоци кои се од интерес за медиумите, бизнис заедницата и секој граѓанин, со што се создава потенцијал за доверба, посебно кај компаниите што е од клучно значење за развој на економијата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *