Сесии на Северноатлантскиот совет и партнерите: НАТО, ЕУ и партнерите споделуваат исти вредности

Средбите на министерскиот состанок на НАТО денеска продолжија со сесии на кои учествуваа партнерите на Алијансата, вклучувајќи ги и Украина и Грузија.

Како што информираат од Министертсвото за одбрана, ресорните министри ја потврдија политиката на отворени врати на Алијансата и потребата секоја суверена земја самостојно да одлучува за нејзината иднина.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во заедничката изјава на оваа сесија која ја дала во име на Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора, ја поздравила соработката на НАТО со партнерите, која е значаен механизам за унапредување на безбедноста и ги поздрави напорите на Украина и на Грузија за имплементација на одбранбените реформи. Министерката порача дека Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора се подготвени за споделување на искуствата и научени лекции во процесот на интеграција.

– Петровска заедно со сојузниците ги поддржа напорите на Украина и на Грузија за решавање на сите предизвици по мирен пат и со силна дипломатска активност, а особено ја поздравија смиреноста и воздржаноста на Украина во контекст на дестабилизирачките активности на руско-украинската граница, посочуваат од Министерството за одбрана.

како што се вели во соопштението на Министертсвото, за соработката со најблиските партнери на Алијансата – Шведска, Финска и Европската Унија, заклучено беше дека таа е круцијална за безбедноста во евроатлантската област и дека и НАТО и ЕУ се засноваат на истите вредности и истата определба за мир и безбедност во глобални рамки. Министрите се заложиле за блиска соработка и постојана координација на теми од заедничко значење како справувањето со сајбер заканите и хибридните закани, борбата против тероризмот и отпорноста на климатските промени.

Петровска денеска во седиштето на НАТО имаше средба со својот колега од Албанија, Нико Пелеши, при што беше потврдена посветеноста на Министерството и на Северна Македонија на развојот на меѓусебната одбранбена соработка. – Балканските земји – членки на НАТО се столбот на безбедноста на регионот и затоа потребна е силна и интензивна соработка помеѓу министерствата за одбрана и припадниците на вооружените сили, посочуваат од Министерството за одбрана.