Конгресменот Мрван од Индијана стана најновиот член на групата за пријателство со Македонија

Конгресменот Френк Џ. Мрван од првиот конгресен округ на Индијана стана најновиот член на двопартиската конгресна група за Македонија и македонските Американци, информира Обединетата македонска дијаспора.

Како што велат од ОМД, конгресната група, која во моментов има 35 членови на Конгресот, ја одбележува својата 10-годишнина во зајакнување на американско-македонските стратешки односи

По овој повод конгресменот Френк Џ. Мрван истакнал дека негова посебна чест е да биде член на македонската конгресна група, а исто така и коспонзор на Резолуција број 741.

-Оваа резолуција го поддржува назначувањето на септември 2022 година за месец на македонско-американско наследство и ја цени интегралната улога на македонските Американци во економијата, културата и идентитетот на Соединетите Американски Држави. Отсекогаш сум бил благодарен за непроценливиот придонес на македонскиот народ и култура во првиот конгресен округ на Индијана и со нетрпение очекувам да продолжам да негувам соработка и пријателство со македонската заедница, истакнал конгресменот.

ОД ОМД информираат дека Мрван беше избран за член на Конгресот на САД во 2020 година. Во 117-от Конгрес, тој е член на Комитетот за образование и труд на Претставничкиот дом, вклучувајќи го Поткомитетот за здравство, вработување, труд и пензии, и Поткомитетот за граѓански права и човечки услуги. Тој, исто така, е член на Комитетот за прашања на ветераните, вклучувајќи го и Поткомитетот за здравство, а исто така работи и како претседател на Поткомитетот за модернизација на технологијата.

-Френк прави фантастична работа претставувајќи го нашиот округ, со оглед на моето македонско наследство и големината на нашата заедница во Индијана, не можам да бидам поблагодарен што е пријател на Македонија и на македонските Американци, вели членот на ОМД Александар Сарафин.

Претседателот на ОМД Мето Колоски, изјави дека ОМД му се заблагодарува на конгресменот Мрван за неговото пријателство и градење посилни врски со македонските Американци во Индијана. Ова, додаде, е сојузна држава со историска и просперитетна заедница на Американци со македонско потекло.