Контра Мицотакис – Ципрас во грчкиот Парламент за Договорот од Преспа

Договорот од Преспа се најде меѓу темите за кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас си упатија остри критики и обвинувања за време на расправата во Парламентот за законот за набавка на воени авиони Рафал и фрегати Белара од Франција, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас му порача на Мицотакис дека едно говорел предизборно, а друго сега кога е на власт, додека пак грчкиот премиер потсети дека неговиот став бил и останува ист дека ако договорот се ратификува не може да се промени.

Лидерот на СИРИЗА истакна дека „одговорна позиција во прашањата од надворешната политика е да се презема политичката цена и како Влада и како опозиција за оние работи за кои што веруваш дека се правилни за политичкиот интерес“  велејќи му на Мицотакис дека тие како опозиција биле заедно со дел од оние кои се националистички и радикално ориентирани и тврдеа дека „Договорот со Северна Македонија е предавнички“.

-И веднаш потоа, сите овие луѓе кои ги фанатизиравте да излегуваат да протестираат против, како што тогаш велевте, антинационалната Влада, ги отфрливте, ги предадовте, ги разочаравте. Излеговте и рековте дека ќе го почитувате овој договор. Излеговте и рековте дека ќе направите сè што можете за соседната земја да се интегрира во Европската Унија, и ова според мене е правилното, но одовде велевте дека ќе ставите вето. Но, такви сте. Едно кажувате предизборно, друго правите постизборно ,па дури за клучните национални прашања, рече Ципрас.  

Грчкиот премиер, одговарајќи му на Ципрас, истакна дека и во конкретното прашање се целосно доследни на она што го кажале предизборно и го потсети дека токму од Парламентот, истакнал дека меѓународно ратификуван договор не може да се смени.

-Сакам уште еднаш да Ве потсетам, дека одовде, од Парламентот, изразувајќи го моето силно несогласување за аспекти на Договорот од Преспа, гласајќи против Договорот, изјавив јасно и без резервираност, целосно информирајќи го грчкиот народ дека во случај грчките граѓани да ни дадат доверба, нема да бидеме во позиција да го промениме Договорот, бидејќи претставува меѓународно ратификуван договор на грчката држава. Тоа е она што го кажав од оваа говорница, истакна Мицотакис.

Лидерот на СИРИЗА рече дека за нив како прогресивна партија, „надворешната политика на Грција се рефлектира во Договорот од Преспа“, а за Владата на Мицотакис, според Ципрас „надворешната политика на Грција се рефлектира во отстапувањето на неодредено време на базата во Александруполи на Американците“.

Грчкиот премиер го праша Ципрас дали додека тие беа на власт „круната, дијамантот на круната на надворешната политика на СИРИЗА е Договорот од Преспа“ и дали тоа е нивен „голем национален успех на кој се толку горди“ и во продолжение се осврна на она што Нова демократија го сторила во надворешната политика во изминатите месеци додека е на власт.