Северна Македонија и Унгарија имаат успешна одбранбена соработка. Како сојузници во НАТО, работата на нејзино интензивирање преку заеднички вежби и обуки, заклучија на денешната средба министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорот на Унгарија во нашата земја, Ласло Дукс.
Министерката Петровска истакнала дека Унгарија беше голем поддржувач за членство на Северна Македонија во Алијансата, но и за почетокот на пристапните преговори со Европската Унија. Преговорите со Унијата, стои во соопштението од МО, ќе дадат исклучително голем придонес и ќе бидат позитивен импакт за развој на целокупното општество.
– Пристапниот процес, а потоа и членството во Унијата ќе влијаат на поголема стабилност и безбедност на земјата и на регионот, рекла министерката Петровска.
Амбасадорот Дукс истакнал дека Унгарија и Северна Македонија се сојузници и оти државата може да продолжи да смета на целосната унгарска поддршка за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Петровска и Дукс се согласиле дека соработката може да се развие особено во доменот на експертската помош во модернизацијата, имајќи предвид дека и двете земји се влезени во процес на модернизација на вооружените сили.
Досегашната воена соработка помеѓу двете земји се фокусираше на реализацијата на повеќе воени вежби. Припадници на Армијата на Република Северна Македонија во октомври како набљудувачи учествуваа на вежбата Cooperative Security 19, а во септември 2018 година, припадници на Полкот за специјални операции учествуваа на вежбата „Jackal Cave”. Унгарија и Северна Македонија заедно придонесуваат и во мисиите ЕУФОР и КФОР.