Дендиас: Цврста позицијата за одржување на првите меѓувладини конференции на Северна Македонија и Албанија со ЕУ

Цврстата позиција на Грција, Северна Македонија и Албанија да ги одржат првите меѓувладини конференции со ЕУ, ја повтори шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата со неговата колешка од Косово Доника Грвала-Шварц, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас рече дека разговорите биле фокусирани на европската перспектива на регионот, ситуацијата на Западен Балкан, можностите за енергетската соработка, како и на билатералните односи.

-Ја повторив цврстата посветеност на Грција за интеграција на Западен Балкан онаму каде што припаѓа, во европското семејство, потенцирајќи ја цврстата позиција за организирање на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија, рече Дендиас.

Говорејќи за регионот истакна дека волјата на Грција е Западен Балкан енергетски да се поврзе со гасоводот ТАП преку интерконкектори.

Додаде дека треба да се создадат услови што ќе ја зајакнат стабилноста и порача дека Грција како прва балканска земја што стана дел од европското семејство чувствува „голема морална должност да му помогне на целиот регион да се приклучи кон Европа“ и секогаш ќе ги помага напорите за „создавање мостови на соработка и мирен соживот во регионот со заедничка крајна цел подобра европска иднина за сите“.

-Нашето мислење е дека Западен Балкан мора да гледа кон иднината, а не кон минатото. Западниот Балкан, сите земји од Западен Балкан треба да имаат добри односи со сите земји од поширокиот регион, но перспективата што претставува еднонасочен пат е Европа, истакна Дендиас, додавајќи дека европското законодавство, демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права е „политички, економски, културен компас, а не враќањето во 19 век“.

Шефот на грчката дипломатија утре ќе биде во Хрватска, додека пак следната седмица ќе го придружува премиерот Кирјакос Мицотакис за време на неговата посета на Белград.

За односите со Косово повтори дека Грција следи „конструктивен пристап согласно неутралниот, во однос на статусот, пристап на Европската унија“ и упати апел инволвираните страни во дијалогот Белград – Приштина да покажат конструктивен став.

 

One thought on “Дендиас: Цврста позицијата за одржување на првите меѓувладини конференции на Северна Македонија и Албанија со ЕУ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *