Вашингтон убеден дека Софија и Скопје ќе најдат решение, не се размислува за санкции против Бугарија

САД силно го поддржуваат пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и веруваат дека тоа ќе биде од корист за сите земји во регионот. Ова се наведува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, дистрибуирано од Амбасадата на САД во Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не размислува за санкции против бугарската Влада и е убедена дека владите на Северна Македонија и Бугарија започнале конструктивен дијалог кој ќе помогне навремено да се решат нивните разлики.

– Го цениме силниот интерес на американскиот Конгрес за ова прашање и ќе продолжиме да одржуваме тесна координација со Конгресот за ова прашање, се вели во соопштението на Прајс објавено од американската мисија во Бугарија.