Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ана Лирман, државна министерка за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Како што соопшти кабинетот на претседателот, Пендаровски оценил дека посетата на министерката Лирман набрзо по нејзиното именување, ја демонстрира јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Тој се заблагодарил што проширувањето на Европската Унија и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц.
Република Северна Македонија, нагласил претседателот, останува посветена на европската агенда и го реафимираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Во таа насока, посочил на подготвеноста на нашата држава за продолжување на дијалогот со Република Бугарија, во духот на добрососедските односи, со цел надминување на блокадата во однос на европските интеграции.
Во контекст на билатералните односи, претседателот Пендаровски оценил дека Германија е клучен политички и економски партнер на земјава и еден од најзначајните трговски партнери во годините наназад и изразил очекување за натамошно јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете држави, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО, како и очекување за натамошно зголемување на трговската размена.