Зајакнување на европската сила и моќ, заштита од безбедносните, но и секаков друг вид предизвци со кои се соочува ЕУ, заштита на здравјето на граѓаните, економската обнова, но и активности за зајакнување на чувството на припадност се дел од приоритетите за време на француското претседателство со Советот на Европската Унија за период јануари-јуни 2022 година. Во тој контекст, како што најави амбасадорот на Француската Република во Северна Македонија Сирил Бомгартнер, во следните шест месеци ќе бидат и активностите што во рамки на француското претседателство ќе се преземаат и во земјава. Ќе зборуваме за Европа, вели тој, но, не само од аспект на прашањето за членство, туку и од останатите кои се важни за Унијата, но и за земјата како идна членка на ЕУ.
-Што се однесува до прашањето на проширувањето и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија, за оваа тема нема некој точно утврден рок, затоа што тој зависи од меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите. Во овој момент е невозможно да се утврди точен датум, но, јасно е дека со француското претседателство постојано ќе се поддржува земјата, за да може работите да напредуваат конструктивно и во добра насока, со цел колку што е можно побрзо и во текот на француското претседателство да се постигне значителен напредок кој сите го очекуваат, порача амбасадорот Бомгартнер пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции пред кој ги презентираше приоритетите на француското претседателство.
Во рамки на франциското претседавање со Советот на ЕУ, нагласува тој, оваа половина од годината во Северна Македонија ќе биде повод да зборуваме за Европа, но, малку пошироко од прашањето за члентво во ЕУ.
-Многу зборуваме за ЕУ, но, секогаш низ призмата на членството и проширувањето, што е можеби нормално и природно. Но, Европа се соочува со големи предизвици и за да можат да се решат има политичка амбиција во повеќе области од сето тоа и вие Македонците сте директно засегнати, затоа што е добро да се подготви утрешна Европа, но, тоа е и ваша иднина како европски народ и како земја која еден ден ден ќе биде дел од ЕУ, додаде тој.
Според него, Европа е заедничко добро и не треба да се заборави дека на европскиот континент споделуваме заеднички суштински вредности, како што е демократијата, хуманизмот, просветителството, човековите права. Токму тие вредности, нагласи, се тие кои не обединуваат сите нас Европејци и кога сите тие вредности се заедно, не разликуваат од остатокот на светот.
Со ставот дека реформите во ЕУ се битни и за регионот се согласува и евроамбасадорот Дејвид Гир.
-Реформите кои ги планирате ќе бидат добри за Европската унија, а со тоа и за идните земји членки и за оваа држава. Важно е во исто време да видиме напредок на билатералното прашање со Бугарија и да видиме дека Северна Македонија продолжува да напредува и со реформите на својот европски пат, рече Гир.
Тој истакна дека и од владејачките и од опозициските партии очекува обединување околу европските приориотети како придобивка за сите.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров смета дека земјава и Европската Унија се заемно поврзани и оти успехот или неуспехот на едната е успех и ли неуспех на другата.
-Ние сме во ситуација на заеднички успех или заеднички неуспех. Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регинот на Западен Балкан. Тоа го кажа и самата Комисија во пакетот за проширување во октомври, тоа го кажуваат и официјални претставници на Франција. Затоа ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, ќе биде добар за Северна Македонија и за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи не и нас нашите комшии и самата ЕУ, рече Димитров.
Александар Николовски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции смета дека во претстојниот период се клучни две работи – енергетската и економската криза, со која се соочуваат и другите земји, но и Северна Македонија.
-Се надевам ќе има релаксација од страна на глобалниот пазар, по однос прогласувањето транзиторна зелена енергија на гасот, тоа ќе ги релаксира малку цените на европскиот пазар, рече Николовски.
Тој ја искористи приликата и се осврна на вчерашната прес конференција на вицепремиерот Димитров. Според него, она што вчера го изјави Димитров е во насока на тоа на што опозицијата предупредувала подолг временски период. Тој вели дека последните случувања во Бугарија кај него не оставаат простор за оптимизам и тука, вели, треба да сме реални и искрени кон граѓаните.
– Четири години имаме ветувања, не овој јуни, следниот декември, прво се ветуваше во декември, па во јануари иако бевме свесни дека тоа е невозможно, треба да сме порезервирани во однос на ветувањата, рече Николовски.
Арбер Адеми во дискусијата истакна дека доколку со една реченица би го резимирал француското претседавање би рекол дека нашата цел е Северна Македонија да добие позитивен сигнал за одобрување на преговарачката рамка за почеток на преговори.
-Пред 17 години бевме лидери меѓу државите од Западен Балкан и успеавме во сложени политички услови во ЕУ покрај неуспешниот референдум во тој период да добиеме статус на кандидатска земја. Сега после толку многу години со право очекуваме позитивен исчекор за земјите од Западен Балкан кон европското семејство. Нивната интерација во ЕУ е од стратешки интерес за двете страни и е потребно поголемо вклучување за дебатата за иднината на ЕУ, рече Адеми.
Во контекст на нашиот актуелен билатерален спор со Бугарија, тој се надева дека новите влади во двете земји ќе имаат позитивен ефект во унапредувањето на нашите билатерални односи.
–Недозволиво е сега после толку години да се откажеме од нашите зацртани стратешки цели. Тоа се генерациски, а не дневнополитички стратешки цели. Мора да го изнајдеме вистинскиот пат по кој државата ќе се движи, од нас ќе зависи да покажеме способност како институции со цел да работиме со посветеност од нашите домашни обврски кои се значајни за членство во ЕУ, но повеќе за нас, рече Адеми.
Пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ смета дека целите што ги презентираше францускиот амбасадор се амбициони, но оти тоа се цели со чие остварување конечно Европа, не само ЕУ, ќе биде една слободна, суверена, деморкатска, развиена и безбедна Европа.
-Сонот кој сите Европејци го имаат многу одамна, бидејќи Европа е лулка на слободата и демократијата. Верувам дека овој претставен план конечно ќе може да ја врати Европа на вистинските постулати и вредности на кои почива Европскиот договор, рече таа додавајќи дека во остварувањето на поставените цели треба да биде вклучени и Западен Балкан како дел од Европа.
Соња Мираковска од НСДП, верува дека до крајот на француското претседателство со Советот ќе се дојде до нашата приоритетна цел тоа е првата меѓувладина конференција со ЕУ.
–Она што не сопна, е спорот со Бугарија. Во решавањето на овој спор имаме потреба од помош и посредништво, придружување во процесот за поефикасно приближување. И затоа сметам дека посредништвото на Франција во решавањето на билатералниот спор е потребно и ќе биде исклучително значајно, рече Мираковска додавајќи оти е уверена дека на овој начин ќе се дојде до посакуваниот резултат.