Османи: Во втората половина на јануари официјална комуникација со Париз за натамошните чекори кон ЕУ

Во втората половина на јануари, по формирањето на Владата во Северна Македонија, ќе биде воспоставена комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач на Европската Унија во насока на можностите кои земјава би ги имала за време на француското претседателство за одблокирање на процесот на евроинтеграциите.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој одговарајќи на новинарско прашање дали стапил во контакт со официјален Париз во однос на натамошните чекори за можноста за почеток на преговори, нагласи дека таа комуникација веќе постои, но во втората половина на јануари ќе се конкретизира, сега откако Франција го презеде претседавањето со Унијата.

-Во однос на Франција јас веќе имам воспоставена комуникација и барање за посета и средба со највисоките француски власти. Првично беше договорено таа средба да се реализира овие денови, меѓутоа сепак одлучивме дека таа средба треба да се реализира после формирањето на новата влада овде кај нас, односно во втората половина на јануари, кога ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација, која што и сега во меѓувреме постои, меѓутоа е потребна за да се утврдат француските планови и позици по однос на нивниот ангажман во овој процес, истакна денеска Османи.

Франција од 1 јануари го презеде претседавањето со Унијата и иако проширувањето изрично не се споменува, сепак за Северна Македонија и Албанија познавачите не исклучуваат напредок во процесот, особено поради тоа што веќе се споменуваше и француска иницијатива за решавање на македонско-бугарскиот спор и тргање на бугарското вето.

Приоритетите на Франција беа презентирани пред помалку од еден месец од страна на францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес конференција во Париз.

-Нема да можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западниот Балкан како што е денеска, изјави на 9 декември Макрон и истакна дека во јуни ќе организира Конференција за регионот.

Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, пак во интервју за „360 степени“ минатиот месец изјави оти може да се очекува Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, односно иницијатива за придвижување на работите.

Тој тогаш не кажа за какви конкретно потези станува збор, но потенцира дека почнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија е нешто што сите го посакуваат.

Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат, рече Бомгартнер, кој додаде дека целта е преговорите со Северна Македонија да почнат што е можно побрзо.

Потсетувајќи дека во Франција ќе има претседателски избори во април, парламентарни на почетокот на јуни, напомена дека можностите за дејствување на Париз за време на изборите ќе бидат ограничени, бидејќи „ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност“.