Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски заедно со секретарот за меѓународна соработка на партијата, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, со која разговараа за повеќе актуелни теми од национален интерес за двете држава, за соработката, евроаталнските интерграции, за предизвиците со здравствената и енергетската криза, како и за процесите околу формирањето на новата влада.
Како што соопшти СДСМ, Ковачевски упати благодарност до САД за постојаната поддршка кон Република Северна Македонија и сите нејзини граѓани, и истакна дека како претседател на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада тој ќе се води од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го бара и од неговите соработници.
– Мојот став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции. За таа цел, ќе се посветам на јакнеење на капацитетите на институциите кои се борат против корупцијата. Ефикасно, одговорно и посветено, посочи Ковачевски.
Во однос на прашањето со Бугарија и евроинтеграцијата, Ковачевски оцени дека е потребно да се најде заедничко прифатливо решение, со цел да се оттргне блокадата и Северна Македонија конечно да ги започне преговорите со ЕУ, нешто што одамна го заслужи.
– Ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Остануваме посветени на наоѓање решение со соседна Бугарија за да продолжи нашиот европски пат. По изборот за премиер ќе го поканам господинот Петков да ја посети нашата земја. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања, рече Ковачевски.
Амбасадорката Брнз му честиташе на Ковачевски за изборот за претседател на СДСМ, порачувајќи дека САД продолжуваат да бидат најголемиот стратешки партнер на Северна Македонија, како во делот на спроведувањето на реформите, така и во евроинтегративниот процес, се додава во соопштението.