Секое решение за спорот со Софија, прво да оди пред пратениците, Петков ја става економијата во преден план за подобрување на односите

Секое решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија да биде доставено до пратениците во Собранието. За ова се согласни и власта и опозицијата, а предлгот го изнесе вчера вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Властите во земјава очекуваат решавање на спорот, во најкус можен рок, некои од нив како шефот на дипломатијата Бујар Османи го споменува следниот месеци, но новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој понуди попрагматичен пристап во приближувањето на позициите и го стави фокусот на унапредување на економската соработка, сепак не отстапува од шестте месеци кои ги најави, како рок да се постигне компромис.

Без разлика на рокот и на она што би го договориле, Димитров вчера пред пратениците на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции, на која се расправаше за заклучоците на Советот за општи работи на Европската Унија за проширувањето, потенцира дека секое решение треба да се најде пред пратениците во Собранието.

– Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес, мислам дека има логика и ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на некаква валидација во нашиот Парламент, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николовски, кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во расправата истакна дека недостига здрава дебата и здрав консензус меѓу политичките партии и дека се злоупотребува процесот на пристап на земјава во ЕУ од страна на власта.

Според Николовски, не постои посериозен притисок врз Бугарија. – Постои декларативен пристисок и на зборови, тоа го гледаме сите, но, сериозен политички притисок врз Бугарија не гледаме во изминативе години. Затоа можам да се согласам со Димитров дека какво било решение треба да дојде и да се усвои во македонското Собрание, но прашањето кое ми се поставува е дали ќе има какво било решение, бидејќи нема притисок врз другата страна. Ако се очекува дека решението ќе е само со конкретен притисок со нашата страна мислам дека тоа се нереални очекувања, рече Николовски.

Бугарското вето повторно ја остави Северна Македонија во чекалната на ЕУ. Земјите-членки на ЕУ на заседанието на Советот за општи работи (ГАК) на 14-ти овој месец, не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

Конституирањето на новата бугарска Влада и попрагматичниот пристап, кој го најави Петков, со фокус на сегашноста и иднината влеваат надеж кај високите официјални претставници на земјава, но и кај дипломатите дека Северна Македонија и Бугарија наскоро би можеле да постигнат решение за спорот.

Петков веќе предложи пет работни групи, за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања, кој би се состанувале секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати.

Ако тоа биде направено, според него, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.

Бриселскиот портал „Политико“ вчера во анализата посветена на предизиците, со кои ќе се соочи новиот премиер на Бугаирја во делот посветен на односите со Северна Македонија наведува дека Петков сака да заземе поделотворен пристап кон земјава.

– По долги години контроверзии, ЕУ минатата година се согласи да ги покани Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за членство. Сепак, Бугарија ги блокираше преговорите поради спор со Северна Македонија околу историјата и јазикот. Ова ги спречи и Северна Македонија и Албанија да го направат следниот клучен чекор во процесот за членство – усвојувањето на преговарачките рамки, што е предуслов за старт на преговорите со одржување на првите меѓувладини конференции, наведува бриселскиот портал.

Во освртот се посочува дека ваквиот потег на Бугарија предизвика разочарување и на Балканот, но и во Брисел, каде поддржувачите на проширувањето велат дека Софија ја поткопува довербата во Унијата и остава политички вакуум во регионот за Русија, Турција и Кина кои сакаат да го прошират своето влијание.

– Иако новата бугарска Влада не планира да се откаже од барањата за историските спорови со Северна Македонија, Петков најави дека негова цел е да го прошири дијалогот и да ја искористи економската соработка за подобрување на односите, наведува „Политико“.

Во Тирана вчера се одржа состанок на иницијативата Отворен Балкан, која лидерите на земјите во неа, Северна Македонија, Албанија и Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ, повеќе пати ја оценија ја чекор напред кон членството во ЕУ, а не замена за него.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во обраќањето на состанокот во Тирана во врска со проширувањето на ЕУ рече дека имало напредок со Србија и Црна Гора на овој план годинава, изразувајќи жалење што не се отворија првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија.

– Ја разбирам фрустрацијата на премиерот Заев, но не заборавајте дека постигнавме напредок во процесот на проширување оваа година. Отворивме кластери со Србија, а со Црна Гора беше одржана втората меѓувладина конференција со новата методологија. Но, не го кријам фактот, како и моето жалење за фактот дека се уште ги немаме првите меѓувладини конференции со Северна Македониоја и Албанија, тоа треба да го постигнеме брзо, првиот сигнал што треба да го гледаме е јасната перспектива од страна на ЕУ тоа да се случи и тоа беше ставено во заклучоците на Советот на ЕУ.  Мислам дека тоа треба да биде сфатено многу сериозно и сега е време тоа да го направиме реалност и да ги имаме сите договори на маса за тоа да се случи, порача Вархеји вчера на состанокот на Отворен Балкан, што се одржа во Тирана.  

Тој ја поздрави иницијативата и апелот на лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија за проширување со останатите три земји Црна Гора, БиХ и Косово, нагласувајќи дека преку заеднички пазар Балканот може да има една третина раст на БДП.

И покрај зборовите на поддршка, сепак вчера на состанокот во Тирана не изостана разочараноста поради тоа што Северна Македонија и Албанија повторно не добија зелено светло за почеток на преговори

Албанскиот премиер Рама вчера изјави дека постои воздржаност кај некои земји-членки во однос на прашањето за интеграцијата во ЕУ, а забележа и дека Бугарија и Унгарија се обидуваат да се ослободат од името Балкан. 

– Ви благодарам многу, комесаре Вархеји. Не знам дали разбирате, но ја допревте слабата точка на сите, велејќи дека; „Јас сум од Балканот, иако сум од Унгарија“. Балканот ги вклучува сите, Грција, Унгарија, Хрватска, па дури и Турција. Не знам зошто Бугарија и Унгарија, како да не сакаат да се приклучат сега.  Всушност, сите овие земји, овие луѓе, се обидуваат да се ослободат од името Балкан кој мислиме дека сега станува се попривлечен. Свесни сме за еден вид двоумење кај некои канцелари, но сепак имајќи ја целосната поддршка од американската администрација, некои членки на ЕУ, Франција, Холандија и вашата целосна поддршка во Брисел, нагласуваме дека ваша работа е да покажете што оваа иницијатива значи за интеграцијата, рече Рама. 

Заев пак, истакна дека кога ЕУ потфрла „ние имаме обврска постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот“.

– Европеизацијата и европските стандарди нема зошто да чекаат. Правиме крупни чекори за европеизација на нашиот регион. Кога со Вучиќ и Рама ја создававме визијата за „Отворен Балкан“ се согласивме да не надвладее евроспкептицизам поради неуспехот на ЕУ, изјави Заев во Тирана.

Заев рече дека Брисел може да одлучи и да ги забави очекувањата, но европеизацијата и европските стандарди во Србија, Албанија и Северна Македонија, нема зошто да чекаат или да бидат забавувани.

И Заев и Рама и Вучиќ вчера одговарајќи на прашање за влијанието на различните брзини на евроинтегративните процеси врз иницијативата „Отворен Балкан“, порачаа дека трите држави заеднички се поддржуваат на евроинтегративниот пат, а иницијативата, која не е замена на ЕУ, е нешто што го прават за унпаредување на состојбите во нивните земји.