Регионот сака да биде едно. Отворен Балкан е најдобрата порака што регионот може да ја донесе. Отворен Балкан не само што промовира регионална соработка туку и остварува регионална соработка. Вашата регионална соработка е добра и за ЕУ и Западен Балкан.
Ова го изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во поздравното обраќање онлајн на состанокот на иницијативата што се одржува во Тирана.
– Држете ги вратите на оваа иницијатива отворени. Ги поканувам останатите три земји, Црна Гора, БиХ и Косово. Ја поддржувам вашата иницијатива, порача Вархеји.
Тој истакна дека само преку заеднички пазар Балканот може да има една третина раст на БДП.
– Инфраструктурното поврзување нема да има поента, ако камионите и возилата се запираат на секоја граница, нема поента да се создава инвестициска клима, доколку не се признаваат дипломите, нема поента за инвестициска клима доколку нема слободно движење на стоки, услуги, капитал…, рече Вархеји.