Османи очекува до средината на јануари да бидат пополнети испразнетите амбасадорски места

Министерот за надворешни работи Бујар Османи очекува до средината на јануари да бидат пополнети сите испразнети амбасадорски места. Решенијата за овие амбасадорски места се надева дека ќе бидат готови веднаш по формирањето на новата влада.

– Секоја амбасада е важна сама по себе, меѓутоа очекувам во наредниот период да го заокружиме целиот процес за да не оставиме ниту една амбасада без амбасадор. И на прес-конференцијата кога зборував за историски најголемиот буџет на МНР, реков дека амбасадите ќе бидат значително пополнети со дипломати со цел навистина да ја ставиме во функција нашата дипломатска служба, рече Османи, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.

Напомена дека ќе бидат пополнети не само амбасадорското место во Софија, туку и сите останати. 

Најави дека деновиве треба да бидат пополнети амбасадорските места во Индија, Италија, Русија и Австрија.  

– Со ова завршивме уште четворица. Имајте предвид дека испративме повеќе од 10 амбасадори изминативе месеци. Значи веќе една голема група решивме покрај целата потешкотија што ја имавме во комуникацијата со Комисијата за надворешна политика и Милошоски кој го одложуваше процесот целиот период, рече Османи. 

И претседателот на државата Стево Пендаровски во четвртокот изрази надеж дека наскоро ќе бидат пополнети испразнетите амбасадорски места. До него, како што изјави, не е пристигнат предлог од Владата.

– До овој момент, предлози од Владата до мене нема. Зошто е тоа така, претпоставувам во еден дел заради изборите и постизборните турбуленции, истакна Пендаровски во четвртокот на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.