Конституирањето на новата бугарска Влада и попрагматичниот пристап, кој го најави новиот премиер Кирил Петков, со фокус на сегашноста и иднината влеваат надеж кај високите официјални претставници на земјава, но и кај дипломатите дека Северна Македонија и Бугарија наскоро би можеле да постигнат решение за спорот. И високите македонски претставници и дипломатите исто така се надеваат дека тоа ќе се случи многу побрзо, од шестте месеци, кои ги најави Петков, кои ги оценуваат како предолг временски период.
Петков, пак не отстапува од шестте месеци, кои бугарската Влада си ги задала како рок, но вчера изјави дека има желба во втората половина на јануари да се сретне со новиот премиер на Северна Македонија.
Тој во врска со спорот меѓу Софија и Скопје, вели дека не станува збор за процес на отстапки, туку за процес на надградба. Во емисијата „120 минути“ на бТВ вчера предложи пет работни групи, за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања. Предлага групите да се состануваат секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати.
Ако тоа биде направено, според него, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.
– Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент којшто ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација, ќе биде оценет како неевропски, нагласил Петков.
Според него, прво нешто што треба да се направи, е да се смени реториката.
– Се разбира, и од другата страна има црвени линии. Не можеме да ги занемариме фактите. Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно, потенцираше Петков.
Со став за можноста за надминување на спорот вчера излезе и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој потенцира дека сега кога Бугарија има политичка Влада е можно решение и тоа дури и следниот месец. Тој смета дека новиот пристап кој го изнел Петков со вклучување на сегашноста и иднината за нас е важна порака, но напомена дека шестмесечен рок за пронаоѓање решение за нас е премногу долг.
-Фактот дека во Бугарија сега има политичка власт ни дава надеж дека двете легитимни влади можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите ние. Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение, нагласи Османи за бугарската ТВ Нова.
Османи нагласи дека и самиот Договор за добрососедство од 2017 година го предвидува токму тоа за кое говорел Петков – формирање работни групи, кои ќе се фокусираат не само на историјата, туку и на инфраструктурата, економијата, енергетиката…
-Договорот предвидува два инструмента. Едниот е меѓувладината комисија, во која учествуваат неколку министри, предводени од министрите за надворешни работи. Тоа се шест-седум министри од наша страна и шест-седум министри од ваша страна, со кои треба најодговорно да разговараме и да разгледуваме каде има прогрес, а каде нема и каде треба да се фокусираме во иднина. И тие групи, за кои говори премиерот Петков се всушност враќање кон основиот инструмент на Договорот – меѓувладината комисија со сите групи, кои се дел од таа комисија. За жал, веќе една година сакаме да се одржи втората седница на меѓувладината комисија, но немаме одговор од Република Бугарија. А тоа е најдобриот инструмент, додаде Османи.
Тој напомена дека вториот инструмент е Комисијата за историски и образовни прашања, која треба да најде заеднички точки во заедничката историја меѓу двете држави и двата народа.
Османи напомена дека земјава веќе се произнела по сите точки пет плус еден, но за жал не добила одговор од бугарска страна. За јазикот е дециден дека произлегува од правото на самоопределување на секоја држава, се признаваат државите, а не атрибутите, кои тие држави ги имаат. Османи истакна дека ставот на Скопје е јазикот да се нарекува, онака како што било предложено од Европската комисија – македонски јазик.
На спорот вчера се осврна и словенечкиот амбасадор во земјава, Милан Предан, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, кој проблемот изминатиот период меѓу другото го гледа и во тоа што Северна Македонија се уште нема амбасадор во Бугарија.
-Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба, и не треба да биде кој било. Сега на оваа земја ѝ треба навистина искусен дипломат кој ќе биде во секојдневен контакт со новата влада, бидејќи ова е единствениот начин да се постигне договор и можеби ова е единствениот начин да се скрати времето. Новата влада на Петков зборува за шест месеци, нагласува Предан, кој овој период го оцени како предолг.
За договорот од девет точки на бугарскиот премиер Кирил Петков со коалициските партнери во Владата за позицијата кон Скопје, Предан не сакаше да дава коментари, но смета дека има позитивни објави од бугарската страна што некако најавува попрагматичен пристап. Нагласува дека за решавање на спорот е потребен дијалог и оти се целосно свесни дека нема да биде лесна задача, да се дојде до договор на навистина тешки прашања. Вели дека ако се смени пристапот, кој го најави и Петков, фокусот наместо на историјата да биде на сегашноста и иднината, на инфраструктура, култура, медиуми, образование, тогаш шансите се поголеми.
Предан напомена дека Словенија работела напорно на ова прашање и сторила сè што можела во оваа моментална ситуација со цел да ги туркаат овие работи напред. Тој нагласи дека околностите во двете земји не оделе во прилог на пронаоѓање брзи решенија, имајќи ги предвид изборите во Бугарија и тие во Северна Македонија, но сепак изрази уверување дека словенечкото претседателство го подготвило теренот за претстојното француско претседателство, кое почнува од 1 јануари, да оствари напредок.
Предан истакна дека тој не е запознаен дали има француска иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, но напомена дека Париз изразил подготвеност да помогне во процесот.
За спорот викендов говореа и амбасадорите во двете земји на идниот претседавач на ЕУ – Франција, кои исто така се надеваат на побрзо решение.
Француската амбасадорка во Бугарија, Флоранс Робин во гостувањето на емисијата „Светот и ние“ на Бугарската национална телевизија, изјави дека е свесна оти меѓу Софија и Скопје постои спор, но најважното за неа е потребата да се создаде можност за помирување меѓу двете земји.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Робин истакна дека не станува збор за давање зелено светло за влез на Република Северна Македонија во Европската Унија, туку за почеток на преговори, кои ќе потраат повеќе години.
Таа говореше за приоритетите на Франција во текот на престојното претседателство, кое почнува од 1 јануари 2022 година, а меѓу нив се и да се преземат чекори да се отворат позитивни патишта за Република Северна Македонија, а не да се случи ситуација, во која земјата би се дестабилизирала. Освен тоа, додаде таа, Бугарија, која е членка на ЕУ, може да постапи на начин со кој ќе помогне.
Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, пак во интервју за „360 степени“ изјави оти може да се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, да преземе иницијатива за придвижување на работите.
Тој во интервјуто не кажа за какви конкретно потези станува збор, но потенцира дека почнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија е нешто што сите го посакуваат.
–Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат, вели Бомгартнер.
Во однос на јазикот, нагласи дека во Северна Македонија се зборува на македонски јазик и оти тој нема никакви дилеми во врска со тоа.
-Никој не ќе може да им наметне на двете земји да усвојат нешто што нема да им одговара и што ќе бара поместување од црвените линии. Во рамки на тие параметри треба да се напредува, да се изнајде решение, а откако ќе се постигне тоа, ќе треба да се договориме за Преговарачката рамка, која ќе овозможи отворање на преговорите за членство, без одолговлекување, нагласи Бомгартнер.
Франција од 1 јануари го презема претседавањето со ЕУ, а Бомгартнер вели дека јуни е крајниот рок, но сепак целта е преговорите со Северна Македонија да почнат порано.
Потсетувајќи дека во Франција ќе има претседателски избори во април, парламентарни на почетокот на јуни, напомена дека можностите за дејствување на Париз за време на изборите ќе бидат ограничени, бидејќи „ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност“.
-Советот за општи работи на ЕУ донесе нови заклучоци за отворање на преговорите колку што е можно побрзо. Јас сум убеден дека отворањето на преговорите ќе се случи, но прашањето е кога, односно кога ќе се постигне тој резултат. Пораката што беше дадена за време на Советот е – колку што е можно побрзо, толку подобро, изјави Бомгартнер.