Мицкоски: Во 2022 година очекувам предвремени парламентарни избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски,  очекува веќе следната година да има парламентарни избори на кои, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ со големо мнозинство ќе ја формира идната влада.

-Во 2022 година очекувам предвремени парламентарни избори, и ќе работиме да има предвремени парламентарни избори, а потоа очекувам со големо мнозинство ВМРО-ДПМНЕ да формира нова, стабилна влада која ќе може да се справи со предизвиците кои оваа влада не може да ги реши, истакна Мицкоски вчера в о гостување на ТВ21.

Мицкоски објасни дека предизборното коалицирање со некои од албанските партии како можност зависи од многу фактори кои се пред се заедничките интереси и заедничката платформа која треба да се формира која треба да ги содржи вредностите од новиот општествен договор од втората епоха кој беше промовиран на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски најави дека во следниот период следуваат и промени во структурата на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека е можно проширување во делот на менаџментот на партијата, како и во Извршниот комитет.
-Ќе поканиме општествено активни ликови, секако до нив е дали ќе ни се придружат. И мислам дека тоа би било една фина комбинација која што може да понуди би рекол, алтернатива и со која што би излегле пред граѓаните да ја бараме довербата, вели Мицкоски.
Појасни дека тоа се однесува на составот на ИК, а можно е вели, проширување и во делот на врвниот менаџмент на партијата.
-Од понеделник ќе седнам, сега за сега не сум правел детални анализи и профили, но тука не би требало да има некои позначајни изненадувања. Јас зборувам за составот на ИК и луѓето кои што ќе работат.  Можеби ќе има и проширување во делот на врвниот менаџмент на партијата. Можеби ќе има проширувања во делот на ИК на партијата. Така што еве да не прејудицираме да оставиме на времето, рече Мицкоски.