Во Атина умерен, во Скопје воздржан оптизмизам

Прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој денеска доаѓа во Македонија.

– Мислам дека секако состанокот ќе тргне со тоа прашање. Тоа ќе биде убава прилика да го запознаеме со динамиката во процесот за надминување на разликата околу името, рече вчера Димитров.

Димитров вели дека ситуацијата со преговорите со Грција се менува секојдневно и од тоа зависи оптимизмот за евентуално решение. Македонија, посочува тој, прави се да се дојде до достоинствен компромис кој така ќе биде доживеан од двете страни. Не се плашиме, посочува, да им погледнеме на проблемите во очи, но не зависи се од нас.

– Не е се во наши раце. Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги покрие грижите на двете страни во смисла на дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција, но дистинкција што ќе биде достоинствена и нема да навлезе во идентитетските прашања на двете страни. Две европски држави во 21 век кои споделуваат географски регион Македонија треба и мора да најдат начин како да споделуваат и такви културни наследства, дури и тогаш кога под поимот подразбираат различни работи или ставаат различен акцент, рече вчера Димитров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со неговиот полски колега Јацек Чапутовиќ.

Шефот на македонската дипломатија не прецизираше кога ќе дојде во Македонија неговиот колега Коѕијас кој треба да ја донесе грчката нацрт спогодба за решавање на спорот.

– Во тек е усогласување меѓу нашето Министерство, тоа на Грција и Канцеларијата на медијаторот Метју Нимиц, во контекст на неколку датуми и следни чекори. Штом тоа се затвори, јас очекувам тоа да биде кон крајот на неделава, синхронизирано, истовремено ќе биде запознаена јавноста и кај нас и кај нив точно за тоа кога претстои таа посета, кој ќе биде следен чекор…, рече Димитров.

Додаде дека иако јавноста има потреба да биде запознаена со текот на преговорите, не е добро јавно да се пласираат сите информации.

Премиерот Заев претходно изјави дека посакува Македонија и Грција во преговорите за спорот околу името да пронајдат решение, кое ќе ги зачува достоинството и идентитетот на двете страни.

– Според мене, разговорите кои траат не приближуваат кон решение. Секако, не е лесно со пораките што се испраќаат во јавноста, се работи за сериозно прашања, кое 25 години не може да се реши. Не би давал детални коментари заради тоа што искрено посакувам решение на овој долгогодишен проблем, кој ќе го зачува достоинството и идентитетот на двете страни во преговорите, рече Заев.

И Заев не даде одговор кога точно очекува во Скопје да пристигне грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас.

Во меѓувреме, во интервју за грчкиот весник „Документо“, Коѕијас наведе дека е потребна промена на Уставот за името да биде и за внатрешна и за меѓународна употреба, но и за да се избегнат идни обвинувања дека биле прекршени уставните одредби.

– Промената на Уставот на пријателот и сосед, значи, прво имплементација на ерга омнес, односно употреба на новото име во сите случаи, на меѓународно и внатрешно ниво, како и за избегнување на идни несогласувања што би произлегле без оваа промена. Второ, дека во иднина би се избегнало една друга влада кај соседот да побара објаснувања за прекршување на Уставот, ако Меѓународниот договор излегува од надлежностите, вели шефот на грчката дипломатија, а за несогласувањата за кои говори, објаснува дека во период на глобализација кога се користат две различни имиња едно за меѓународна, друго за внатрешна употреба тогаш несогласувањата се неизбежни.

Според Коѕијас, решението не треба да биде „едниот да му го наметне неговото мислење на другиот“, туку во пакет договор што ќе ги содржи неопходните заемни компромиси.