Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новите амбасадори на Австралија и Саудиска Арабија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Австралија и на Кралството Саудиска Арабија во Република Северна Македонија, информира прес-службата на Пендаровски.

Во соопштението се наведува дека за време на церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на новиот амбасадор на Австралија, со седиште во Белград, Даниел Емери, претседателот истакнал дека двете држави ги поврзува традиционално пријателство и меѓусебно разбирање изразувајќи уверување за натамошно посеопфатно и посодржинско развивање и унапредување на севкупните односи особено во областа на економијата преку искористување на потенцијалите на двете земји и идно присуство на австралиски инвеститори во Република Северна Македонија.

– Во оваа смисла, свој придонес дава и бројната дијаспора по потекло од нашата држава во Австралија, која е дополнителен мост за јакнење на нашата меѓусебна комуникација и унапредена соработка во културата, образованието, науката и технологијата, истакнал претседателот Пендаровски.

Австралискиот амбасадор истакнал дека двете земји споделуваат многу вредности и цели, вклучително и поддршката за демократското владеење, човековите права, мирот и просперитетот на регионот, поткрепени со меѓународното владеење на правото. Тој посочил дека Австралија е долгогодишен и посветен партнер на НАТО, така што ова ќе биде уште една платформа за заедничка работа.

– Австралија го поздравува и поддржува импресивниот напредок на Северна Македонија на патот кон членството во Европската Унија. Ние ја гледаме ЕУ како клучен политички и економски чинител, вклучително и во нашиот Индо-пацифички регион, кој споделува заеднички вредности со Австралија, изјавил австралискиот амбасадорот.

Од прес-службата на претседателот информираат дека на предавањето на акредитивните писма од страна на новиот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, со седиште во Тирана, Фаисал Гази Исмаил Хифзи, Пендаровски истакнал дека односите меѓу двете земји се темелат на заемно пријателство и меѓусебно разбирање што претставува солидна основа за нивно натамошно унапредување.

– Во таа насока, дозволете ми да ја истакнам нашата искрена подготвеност за унапредување на билатералните односи и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес. Ве уверувам дека ќе продолжиме со сите неопходни активности и иницијативи за постигнување на овие цели, изјавил тој.

Амбасадорот на Саудиска Арабија истакнал дека е длабоко почестен што ја претставува својата земја како нов амбасадор на Кралството Саудиска Арабија за Република Северна Македонија и потврди дека ќе вложи максимални напори за натамошно развивање на соработката и добрите односи меѓу двете земји.