СОТИР МИТРЕВ – ГОЛЕМ ХУМАНИСТ И ДОНАТОР ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Сотир Митрев бил роден во село Росен, кое се наоѓа во леринскиот крај на Беломорска Македонија, на 17 мај 1932 година. Сотир Митрев беше голем родољуб, човекољубец, хуманист и активист. Уште како млад заминал на печалба од неговото родно Росен, Леринско, во Белгија. По годините поминати во оваа земја, Митрев со своето семејство тргнал кон нова дестинација, дури во Австралија. Неговиот животен пристан е во Викторија, во убавиот град Мелбурн. Меѓу другото, со сето срце, душа и љубов се вклучи, за подигање и опремување на првата и единствена црква на Македонците „Света Злата Мегленска“ во во Соботско, во Беломорска Македонија.

Сотир Митрев бил роден во село Росен, кое се наоѓа во леринскиот крај на Беломорска Македонија, на 17 мај 1932 година, мајката Лина Палеца Митрева го роди својот син првенец Сотир. Радост блесна во куќата на Митреви, кога на свет дојде малечкиот Сотир. Пресреќниот татко го почести целиот комшилук кој, исто така, ја подели радоста со младите родители Лина и Јован, и, секако, со бабите и дедовците, кои ете го дочекаа да им се роди нивното прво внуче.

Често пати Сотир Митрев се присетуваше на тие далечни времиња, велејќи –  за жал, судбината сакаше да останам сам. Најсам на овој свет. Мајка ми ја прости Господ и јас, иако толку мало дете, знаев дека никому веќе нема да му биде грижа за мене. Утеха барав кај баба ми Санта, која колку можеше ме гледаше, ама мајчината љубов никој и никогаш веќе, со ништо не ми ја замени.

Долго, широко, големо и рамно како тепсија е полето Росенско, во богатата Пелагонија, која во егејскиот дел на Македонија ги раѓа најголемите сончогледи, ги има најгустите полиња од пченица, а од многуте бавчи и ливади се берат најсочните и највкусни зеленчуци.

Револуционерна била одамна фамилијата на Митреви. Се прераскажуваат спомени од тие времиња и години во леринската околија, во коишто дел од неговото поблиско или подалечно семејство, има свој ефект. На многу детали постојано се присетуваше  и со многу гордост ама и со многу горчина зборуваше Сотир Митрев, при што ќе речеше:

„Уште дедото Крсте беше востаник. Беше револуционерен човек кој не можеше да се помири со човечки неправдини и со теророт што го спроведуваа џандарите, окупаторите и некои чиновници. Дедото Крсте уште пред германско време, уште некаде во 1939 година, имаше луѓе кои навечер излегуваа со оружје и доколку некаде имаше светло на прозорците, нè тераа веднаш да го гаснеме“.

Инаку, Македонците во Мелбурн се најбројни на целиот австралиски континент. Тие имаат илјадници ученици кои посетуваат настава на мајчин македонски јазик, имаат сè повеќе студенти, универзитетски професори, бизнисмени, уметници и медиуми. Македонците во Мелбурн имаат повеќе црковни општини, а горделиви се што првата македонска црква на најдалечниот континент, „Свети Ѓорѓи“ е изградена токму во престолнината на Викторија.

Таку е многу развиен духовниот живот. Се организираат многу пикници, прослави, средби и, воопшто, многу дружба на нашите сонародници од Мелбурн а и од поблискиот Џилонг или од уште подалечните Сиднеј или Аделајид. И уште во нешто е прв Мелбурн. Имено, во него е изграден и првиот македонски манастир „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк паркот, каде што се наоѓа и големото таканаречено “Македонско место“.

Животот на Митреви во Мелбурн бил како една долга интересна приказна. Во прво време работел во фабрика за гуми, потоа излегол оттаму и станал свој газда кој презема градежни работи. Со својата фирма постепено почнал да го шири бизнисот и така стасал до доста добри муштерии.

Невена секогаш била прекрасен другар, прекрасна домаќинка. Таа била столб на семејството, ценета сопруга и над сè, најдобра мајка за нивните деца и уште подобра баба за внуци и правнуци.

Сотир Митрев со група патриоти, со тие извонредно амбициозни Македонци од Мелбурн, водени од искрено човекољубие, хуманост и солидарност, во 1992 година во Мелбурн ја формирале Австралиско-македонската хуманитарна организација. Заедно од првиот ден, од покренувањето на идејата па сè до реализацијата кога стартувала оваа Организација, заедно со Сотир биле: Цветан Звездаковски (потпретседател), Васил Котевски (благајник), Ана Василева (секретар), Џим Антон (публицист), Крсте Наумовски (советник), Георги Кириакидис и Танас Велов.

Тие веднаш почнале  со првите акции, собирајќи помош, а и организирајќи други значајни и корисни активности. Од самиот старт па години натаму, името на Организацијата оставило свој печат во самоорганизирачкиот мозаик на македонската комуна не само во Мелбурн и Викторија, туку и пошироко.

За своите браќа во татковината, преку Австралиско-македонската хуманитарна организација беа испратени илјадници пакети со храна и облека. Тоа беше помош за илјадници семејства, дечиња, млади и стари наши Македонци. Во сето тоа изминато време, Организацијата во повеќе  наврати испратила цели контејнери, пред сè, во брашно, ориз, масло и друга храна во Македонија, како и за Македонците во Мала Преспа, кои живеат во тешка сиромаштија.

Додека полека и опуштено, што би се рекло нога за нога, во летото 2002 година, сите заедно на чело со мошне расположениот Сотир Митрев се рашетувавме низ сокаците на неговото големо родно село Росен, му приоѓаа многумина за да се поздрават, да му ја стегнат раката, да го прашаат како што и самите велеа, за јуначкото здравје и за да чујат што абер им носи тој од туѓината далечна таму, од Австралија. Во еден момент, една постара жена застана простум пред него. Се исправи, колку што можеа старечките плеќи да се подисправат, го испули убаво и му рече: „Добре ни дојде брату Сотир. Добро си дојде дома, овдека во Росен од каде што замина како младо момче“.

При секоја посета на својот роден крај, Сотир Митрев со огромна тага и болка во себе, прераскажуваше дел од сеќавањата на своето детство и на своите први младешки години, кои така тажно ги минал тој низ Беломорските планини и рамнини, езера и водопади, реки, шуми и безконечни ливади.

Секогаш велеше, дека Грците никогаш не може да им го избришат името на Македонците. Не може да ги замолчат да си го зборуваат својот мајчин јазик. Не може да ги одродат од тоа што се, Македонци. Срам е за една земја која се колни во некаква си квазидемократија, уште, да ги малтретира и да ги враќа Македонците од границата. Имаше многу реакции од нервозните нашинци кои доживувале малтретирање и понижување, ни рекоа некои. На илјадници Македонци од Република Македонија и од Австралија, Канада, Америка, од Европа и од каде сè не, сè уште им ги затвораат границите.

„Мене на двапати ме вратија, велеше Митрев. Првиот пат во 1994 година во пријавата против мене до полицијата со која ми се забранува влез во Грција стои дека јас сум бил автономист, националист, а како претседател на хуманитарна организација како што напишале тие режимски чиновници, јас сум ги ранел Скопјаните“. Ете до каде оди безумноста, коментираше Митрев.

Но, негова честа дестинација му беше и најградскиот град во Македонија, конзулскиот бабам Битола, кој е опеан во повеќе од шестотини песни. Сите ја знаете „Битола мој роден крај“ или „Нели ти реков моме Донке“. Песни кои специјално во една од најубавите кафеани на овој град, на Сотир на уво ми ја испеаја најпрофесионални музичари, среќни што можат на еден таков нашинец дојден од далеку, со песна да му посакаат срдечно добредојде.

Секоја посета на Македонија, на стариот роден крај, за Митрев од Мелбурн, Австралија, беше време исполнето со многу патувања, средби, разговори, договори, дружби и видувања со најсвоите, најблиските, со пријателите и соработниците.

Весниците тогаш, меѓу другото, напишаа –  Сотир Митрев од Мелбурн, Австралија, познат хуманитарец во австралиската сојузна држава Викторија и, пак, не успеа да влезе во Грција за да си го види своето родно село Росен, кое се наоѓа крај Лерин.

„Пет и пол децении поминаа откако Грците ме протераа од сопствениот дом. Неколку пати во животот сум доаѓал од Австралија во Битола за да влезам во Грција и да појдам во моето огниште во селото Росен. Меѓутоа грчките власти само еднаш ме пуштија. Се обидов во неколкуте години потоа, а пред Илинден и со два пасоша, австралиски и македонски. Меѓутоа, тие без образложение ме вратија назад. Ми рекоа дека не ме пуштаат оти не сум бил Грк, а јас им возвратив: Запишете оти Сотир Митрев бил, е и ќе умре како Македонец, а не како Грк“, изјави тој од говорницата пред црквата „Света Богородица во Трново, Битолско, каде секоја година се одржува значајната средба на етничките Македонците од светот.

Сотир Митрев беше голем хуманист. Донираше и храна и облека и пари, како и медицински апарати и болничко возило за некои медицински центри, за домовите на дечињата без родители, за старските домови и за сиромашни села. Доби многу признанија и се сретна со многу личности  од државниот врв, со градоначалници и со многу новинари.

Во Соботско, во Беломорска Македонија, за подигање и опремување на првата и единствена црква на Македонците „Света Злата Мегленска“, со сето срце, душа и љубов се вклучи и Сотир Митрев. Во повеќето акции што беа спроведени, како и оние кои лично ги организирал тој меѓу нашите во Мелбурн и пошироко, тие подадоа рака на поддршка. И помогнаа за што побргу да може да ги прими своите верници овој духовен храм.

При посетата, Сотир палеиќи свеќа за среќа и бериќет, за сите Македонци, рече дека е пресреќен што дочека еден ден, да види дека нашиот македонски народ најпосле ќе   влезе во во свој духовен храм, че запали свеќа во своја црква во својот атар; да доаѓаат на  богослужби на својот мајчин јазик, на празници и делници, да венчаваат и крштеваат, да се дружат. Црквата „Света Злата Мегленска“ веруваат дека ќе биде нивната матица, нивното благословено место.

Навистина, Митрев веруваше дека нема да стават рака некои безбожници и антимакедонци, бидејќи за секој народ, за сите верници е благодат, да имаат свој духовен  дом.

 

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН