Александар III, синот на Филип II и Поликсена (Олимпија), е роден во Пела, на 22 јули 356 година пред Христа. Александровиот татко, Филип, бил син на македонскиот крал Аминта III и Евридика, илирска принцеза. Неговата мајка Поликсена, или Олимпија, име по кое станала позната во Македонија, била ќерка на молосијанскиот крал Неоптолем /Neoptolemus/. Александар бил роден во еден динамичен свет каде насилството било начин на живеење. Уживал во приказните за војни, за кои се зборувало во палатата, и несомнено уживал и се насладувал на победите на својот татко. Филип многу го сакал сина си и доста време поминувал со него, давајќи му љубов и раскажувајќи му приказни. Најраното образование на Александар му било доверено на Леонид /Leonidas/, роднина на Олимпија. Но, како што открил Леонид, Александар не бил обичен ученик и на неговото пркосење не можело да се влијае со вообичаени методи. Затоа, во 343 година пред Христа, кога Александар имал тринаесет години, Филип го повикал Аристотел за да го подучува. Аристотел во тоа време не бил познат човек, како што го знаеме денес, туку, едноставно бил учител со добра репутација. Филип го одбрал врз основа на препораките од други. Аристотел бил роден во Стагира /Stagira/ (град на Халкидики, освоен од страна на Филип) и бил син на Никомак /Nicomachus/ (некогаш доктор на Аминта III). На возраст од 40 години (или повеќе) Аристотел го напуштил своето новоотворено училиште на Милитин, Лезбос /Mylitine, Lesbos/, и отишол во Пела каде му била дадена резиденција во тивкото мало селце Миеза /Mieza/. Таму, во близина на светилиштето на Нимфите, далеку од брзањето карактеристично за градскиот живот и постојаните превирања на Пела, Аристотел ги поминал наредните три години учејќи го Александар, заедно со уште неколку други деца. Едно од тие деца бил Хефестион /Hephaestion/, со кого Александар се спријателил за цел живот.
Аристотел, освен што го учел Александар за чудата на животот, поттикнал во него страсна љубов за културата и интелект кои длабоко влијаеле врз неговиот живот и на начинот на кој тој го гледал светот. Но, тоа биле Хомеровите книги кои најмногу го инспирирале Александар. “Илијадата”, најдобрата книга напишана било кога, и нејзините два главни хероја, Херкул и Ахил, биле движечката сила што ги поттикнала желбите на Александар за освојување и трагање по непознатото. Освен што го учел како да стане крал, Аристотел во Александар развил голем интерес и за природните науки. Во 340 година пред Христа, на возраст од шеснаесет години, додека татко му Филип бил во поход на Византија, Александар станал регент на Пела. Тоа било токму тогаш кога Александар вкусил како е да се командува, особено како е да се командува битка и да се задуши еден бунт. Тоа било безначајна побуна, поттикната од тракијските Маидојци, но сепак, претставувала радост за Александар да командува. Откако го поразил непријателот, Александар го зазел градот, повторно го населил со Македонци и го преименувал во Александрополис, според неговото име. Тоа ќе биде првиот од низата градови што ќе бидат именувани според младиот освојувач. Две години подоцна, во 338 година пред Христа, на возраст од осумнаесет години, Александар ја стекнал довербата на својот татко, како командант на македонската коњица во текот на најважната битка во Филиповата кариера. Таа била пресудна битка која не само што ги разбила здружените градови-држави, туку вовела и нова ера во водењето војна. На осумнаесетгодишна возраст, Александар бил дел од тоа во секој аспект. За жал, на тој ужасен ден во 337 година пред Христа, кога Филип решил да се ожени со Клеопатра, внуката на генерал Атал, пријатната поврзаност на Александар со татка му, во која двајцата уживале, доживеала неочекуван крај. Некои велат дека на свадбената свеченост Александар разменил горчливи зборови со Атал, а потоа предизвикал сцена со неговиот сопствен татко. Било како било, чувствата на Александар биле многу повредени. Чувствувајќи се разочарано од својот сопствен татко, Александар, заедно со мајка си, ја напуштил Македонија и заминал за Епир. Откако ја однел мајка си во нејзиниот дом, Александар ја напуштил и отишол да живее со Илирите, кај еден крал кој зависел од Македонија. Таму, преку дејствувањето на еден посредник, тој ги надминал разликите со неговиот татко и наскоро се вратил дома во Пела. Иако татко му му простил, Александар се’ уште се чувствувал несигурно и неговата несигурност излегла на површина кога Филип и понудил брак на ќерката на еден кариански владетел за неговиот незаконски син Архидеј /Arrhidaeus/, наместо за Александар. Се случило карианскиот владетел да биде вазал на големиот крал на Персија. Филип чувствувал дека не е погодно неговиот син Александар, наследник на македонскиот престол, да се ожени за ќерката на еден персиски вазал. Александар, чувствувајќи се несигурно, за жал, не му поверувал на својот татко и послушал некои лоши совети од неговите пријатели. Игнорирајќи го татка си, Александар тајно се понудил себе си за зет на карианскиот владетел. Кога Филип го открил тоа, секој би очекувал тој да збесне, но не било така. Тој го утешил сина си и му ги објаснил своите вистински мотиви за тој брак и потоа му простил за неговите недела. Што се однесува до Александровите советници Неарк, Харпал и Птолемеј /Nearchus, Harpalus, Ptolomy/, не се извлекле така лесно. За нивните недела и лошите совети дадени на принцот, Филип наредил да бидат прогонети од кралскиот двор на Пела. Наредната година, во средината на летото 335 година пред Христа, Александровиот живот засекогаш се изменил, бидејќи се случила трагедија – неговиот татко бил убиен. Инцидентот се случил во театарот на Ега, во најлошото можно време за Александровата сестра Клеопатра. Очекувајќи наскоро да замине во поход на Азија, Филип ја искористил можноста да ја омажи својата ќерка Клеопатра за неговиот штитеник Александар, крал на Молосија. Никој не очекувал дека за време на процесијата, збудалениот телохранител Паусаниј ќе се фрли на Филип и ќе го прободе до смрт, точно на средина од свадбата на Клеопатра. За Александрова среќа, Филип и Олимпија ги разрешиле несогласувањата и Олимпија била повторно на македонскиот двор, на страната на Филип, кога се случило тоа, така што Александар ја имал поддршката на мајка си кога му била најпотребна. Александар во младоста Филип имал четириесет и шест години, бил на врвот на својата моќ и среќа кога животот му бил одземен. Имало многу озборувања за тоа зошто тој бил убен, но ниту едно не се докажало, бидејќи неговиот убиец, исто така, бил прободен до смрт пред да биде подложен на испитување. Сега останало на Александар да ги постави работите правилно. Кога крал или шеф на држава е убиен, државата и нејзините односи со странство се нарушени во самата основа. Македонија, по смртта на Филип, не била исклучок. Прашањето поставувано во сечиј ум, особено во умовите на неговите непријатели, било кој ќе го наследи Филип? Во случајот на Филип, група македонски војници и бивши војници лојални на кралот, најголемиот број од блиското соседство, биле брзо свикани во Ега. Без двоумење, тие го одбрале Александар за наследник на Филип, новиот крал што ќе ги води. Наредниот ден, еден по еден, неговите војници му се заколнале на верност како што налагал македонскиот обичај. Александар си одбрал свои телохранители, а му била дадена и лична кралска пешадиска гарда. Неговата прва задача како крал било да го истражи убиството на својот татко. Фактот дека имало коњи вклучени за бегството на Паусаниј, сугерира дека убиството на Филип било претходно смислено и дека се вклучени соизвршители. Но, кој би имал таква дрскост да убие моќен крал и тоа на свадбата на неговата ќерка? Тоа ние никогаш нема со сигурност да го дознаеме! Но, она што е важно, е да испитаме како Александар ја искористил таа трагедија за да си ја обезбеди својата лична позиција во македонското кралство и да се ослободи од некои несакани елементи. Продолжува Пишуваат: РИСТО СТЕФОВ И СЛАВЕ КАТИН |