Економската соработка меѓу Северна Македонија и САД, придобивките од членството на земјата во НАТО, како и регионалните економски соработки биле дел од темите на денешната средба на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со заменик помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
Како што соопштија од кабинетот на Вицепремиерот, на средбата се реафирмираа одличните политичко-економски односи помеѓу двете земји и се заклучи дека САД останува еден од најцврстите стратешки партнери на нашата земја и силен поддржувач на евро-атлантските интеграции.
-Битиќи нагласи дека членството во НАТО, донесе стабилност и сигурност на земјата, а со тоа зголемени можности за нови инвестиции и поголема конкуреност на меѓународно ниво. Посочи дека Владата е посветена на реализација на сите потребни реформи и надминување на отворени прашања, во насока на целосна интеграција во Европската Унија, се наведува во соопштението.
Ескобар, кој беше придружуван од амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, и Битиќи, се додава, разговараа и за унапредување на бизнис климата, подобрување на инфраструктурната поврзаност во земјата и со соседите, како и реализација на проекти за заштита на животната средина и за одржлив економски развој, пришто државниот секретар Ескобар ја потенцираше поддршката на САД за сите регионални економски соработки кои носат конкурентна предност за земјите од Западен Балкан.
На средбата, вицепремиерот Битиќи ја потврди нашата посветеност за Северна Македонија да стане енергетски хаб на Балканот, преку диверзификација на изворите за енергија и поврзувајќи се со земјите од регионот, што секако е долгорочна стратегија која ќе обезбеди стабилност, одржливост и предвидливост при снабдувањето.
-Вицепремиерот Битиќи и заменикот помошник државен секретар Ескобар, на состанокот ги потврдија своите ставови дека местото на Република Северна Македонија е во ЕУ и дека со поддршка на САД ќе се реализираат потребните реформи, кои се во согласност со западните демократски принципи на управување и ќе овозможат сигурен развој на државата и подобар живот на граѓаните, стои во соопштението.